skip to Main Content

20 години во судските лавиринти, струмичко семејство бара 275 илјади франци од државата

20 години во судските лавиринти, струмичко семејство бара 275 илјади франци од државата
  • 19.04.2018

Семејството Петрови од селото Куклиш од државата бара да му биде исплатена отштета од 275 илјади швајцарски франци за неправилна одлука на судија од Основниот суд во Струмица од 2006 година.

Имено, брачниот пар Бранко и Савета Петрови водат судски спор долг речиси 20 години. Во 1999 година влегле во судските лавиринти за да ја истераат правдата и да вратат 610 илјади швајцарски франци, кои во 1994 година таткото на Савета ги позајмил на две лица.

Пред зградата на Основниот суд во Струмица, Петрови денеска на прес конференција, заедно со адвoкатот Владимир Стојкоски, побараа правда и правично судење, посебно по последната тужба против Република Македонија, со која бараат надомест на штета поради утврдена одговорност во 2013 година кај судијата кој постапувал по предметот.

– На почетокот на оваа година поведовме граѓанска постапка за надомест на штета и тужбата е поднесена против Република Македонија како работодавец на судијата кој постапувал по предметот и донесувањето на неправилна одлука на судијата во 2006 година. Се надеваме дека конечно малку правдата ќе излезе на виделина и некој од наследниците на Пављо Филчев ќе имаат и морална и материјална сатисфакција за надомест на тоа што нивниот татко го спечалил на печалба во Швајцарија, рече адвокатот на Бранко Петров, Владимир Стојкоски.

Петрови, како законски наследници, бараат од државата да им исплати 275 илјади швајцарски франци, сума во која е влезен и главниот долг и каматата.

– Сите велат дека правдата е тенка и не се кине. Се надевам дека ќе успееме и сега на потег е Основниот суд во Струмица. Сметам дека конечно судот ќе пресуди во наша полза. Имам куп документи и ако почнам сите да ви ги покажувам ќе ми требаат денови за да ги образложам. За нашиот проблем ги запознав и поранешната и сегашната власт и нема врата на која не сум чукнал, рече Бранко Петров.

Инаку, рочиштето на кое Петрови ја тужат државата за надомест на штетата ќе се одржи на 24 овој месец.

Back To Top