skip to Main Content

Сите благодети на печурките

Сите благодети на печурките
  • 18.04.2018

Освен што се вкусни толку што за миг можат да го збогатат секој ваш оброк, печурките се многу здрава и хранлива намирница која секако би требало да се најде на вашата чинија. Само 80 грама печурки со својот состав можат да заменат еден дневен оброк овошје и злеленчук.

Како природен извор на витамин Б5, кој на телото му дава сила и издржливост, оваа намирница како да е создадена за луѓе кои живеат со забрзано темпо на живот. Исто така, печурките се нискокалорични и со тоа идеални за оние кои на здрав начин сакаат да загубат некој килограм. Но како и секоја друга намирница и тие треба правилно да се исчистат и да се приготват за јадење.

Нутритивни вредности:

– Печурките се природен извор на голема количина на витамини (B1, B2, C и D) и минерали (калиум, железо, цинк, калциум).

– Преполни се со витамин B5 кој на телото му помага да ја апсорбира и максимално да ја искористи енергијата од храната што ја јадеме.

– Имаат многу ниска калориска вредност и содржат малку маснотии па со самото тоа се извонреден и здрав сојузник при секоја диета.

– Најбогати со протеини се шампињоните и вргањот кои поради тоа се одлична замена за месо.

– Печурките се природен извор на фолна киселина која многу тешко се надополнува по природен пат.

Начин на чистење:

– Свежите печурки не смеете да ги миете во вода затоа што тие ја впиваат како сунѓер и на тој начин ги губат нутритивните вредности.

– Набавете посебно сунѓерче или четкичка за чистење на печурките или пак истријте ги убаво со кујнска крпа од погруб материјал се додека не ги отстраните сите траги од земја.

Приготвување на печурките за готвење:

– Не ја фрлајте дршката туку добро исчистете ја и исечете по должина на половина.

– За гулаш и за динстање горниот дел од печурките сечете го на половинки и четвртинки. Така ќе останат сочни и вкусни.

– За омлет, рижото или за сос за тестенини исечете ги на тенки листови за да можат полесно и поубаво да се поврзат со сосот.

Готвење на печурките:

– Печурките секогаш пржете ги на добро загреано масло. Најдобро е тоа да се прави на путер или на маслиново масло.

– Ако сакате печурките да се потпечат поубаво, приготвувајте ги во голема тава за да имаат доволно простор.

– Откако ќе ги испржите можете со нив да приготвите се што сакате. Додадете им јајце, сланина и зеленчук, збогатете ги со лук и сос од домати или со павлака за готвење и уживајте во вкусниот и здрав оброк.

Back To Top