skip to Main Content

Принцот Чарлс со 70 години уште чека да стане крал

Принцот Чарлс со 70 години уште чека да стане крал
  • 14.11.2018

Кога принцот Чарлс еден ден ќе ја наследи мајка си на британскиот престол на тоа ќе чека подолго од кој и да е претходник во историјата на монархијата стара илјада години. Британскиот престолонаследник денеска прославува 70 години.

Некои монархисти стравуваат, а републиканците се надеваат дека тој ќе биде лош крал. Приврзаниците на Чарлс веруват дека неговата мудрост, рационалност и залагање за заштита на околината ќе му ја обезбеди јавна поддршка каква што заслужува. Но сето тоа го засенува неговата покојна прва сопруга принцезата Дијана и трајното непријателство на дел од јавноста кон втората сопруга Камила, војвотката од Корнвол.

-Ве обвинуваат дека сте контраверзни само поради тоа што се обидувате да го привлечете вниманието на нешта кои не се нужно дел од конвенционалното гледиште, изјави Чарлс во разговор за списанието GQ во септември.

-Мојот проблем е во тоа што пронаоѓам премногу работи за кои е потребно да се заговара или да се борам за нив, вели тој.

Чарлс Филип Артур Џорџ, принцот од Велс, принцот од Шкотска, војводата од Корнвол, војводата од Ротсеј, грофот од Керик, баронот од Ренфру и грофот од Честер, роден е во Бакингамската палата на 14 ноември 1948 година. Имал само четири години кога починал дедо му Џорџ Шести, а мајка му го наследи престолот. Една година подоцна, во друштво на баба му и тетките, покојната принџеза Маргарет, го гледаше крунисувањето . Тој го презирал своето училиште Гордостоун во зафрлениот дел на Шкотска, каде одел и неговиот татко, но затоа беше првиот престолонаследник со диплома од Кембриџ. За принц од Велс официјално е прогласен на свеченост во 1969 година. Неговата мајка, која има 92 години, има добро здравје и не планира да абдицира, па Чарлс се уште чека.

Неговите критичари, па дури и некои монархисти кои мислат дека Чарлс е лош потомок на куќата Виндсор, велат дека така е подобро.

-Искрено среќа што се уште не станал крал. Спротивно од неговата мајка поради која луѓето ја почитуваат монархијата, мислам дека Чарлс би ја поткопал, вели Том Бауер, писател на неавторизираната биографија за Чарлс „Бунтовниот принц“.  Во книгата Чарлс е прикажан како арогантен слабак кој ужива во луксуз и егоцентрик кој не поднесува критика.

Тој е компликуван

Поддржувачите на Чарлс сметаат дека тој е лесен плен, бидејќи секој негов потег го претресуваат медиумите кои не му се склони. – Има многу клеветење, вели поранешен близок соработник на Чарлс, кој со него работел со години.-Прочитав куп работи кои едноставно не се точни, вели тој. Бауер за својата книга разговарал со оние поранешни членови на персоналот на Чарлс кои се поради нешто огорчени, додава истиот извор кој побарал да остане анонимен.

Тогаш каков е Чарлс?

„Компликуван“, одговара тој. Ретко сум среќавал некого толку љубопитен за светот и толку да сака да знае што се случува и зошто. Но повеќе од се има ентузијазам и работни навики, вели поранешниот соработник на Чарлс.

Сајмон Луис, портпарол на кралицата од 1998 до 2001 година го опишува Чарлс како посветен, ревносен човек со „злобна смисла за хумор“.

-Ако сте јавна личност и со носот кинете облаци тој тоа ќе ви го забележи, изјави Луис.

И пријателите на Чарлс и оние кои тоа не се, подеднакво зборуваат за неговата посветеност на должноста. Работниот ден му почнува со појадок, ручекот секогаш го прескокнува  и со работа завршува околу полноќ. Секојдневно. Приватно, принцот е страстен кога се во прашање тетарот, книжевноста, сликарството, операта и поп музиката. Велат дека е голем фан на Леонард Коен. Тој е најсреќен во градината, го сака Шекспир, слика акварели и пишува книги за деца. Знае да биде забавен, но и многу да бара од другите. Поранешните соработници велат дека лесно избувнува.

Луксуз

Официјалните податоци покажуваат дека неодамнешните прекуморски патувања на Чарлс биле најскапите во кралското семејство.

Бауер, кој за книгата за Чарлс разговарал со 120 луѓе неговиот начин на живот го нарекува „хиперлуксузен“. Принцот од Велс тоа го негира.

-Ох, немојте да верувате на тие гом…ици, нималку налик на принц одговара на прашањето на австралиски радио новинар кој го праша дали на своите патувања ја носи даската за ве-це школка како што тврди Бауер.

Но кога е домаќин на ненкој прием, секогаш се служат најдобра храна и вино. И услугата е „кралска“.

-Мислам дека тоа и му личи на принцот од Велс, луѓето би биле разочарани да не е така, тврди неговиот поранешен соработник.

Мешање

Внимание не привлекува само неговиот животен стил. Неговиот активизам за заштита на околината и борба против климатските промени доведе и до обвиненија дека се маша во прашања кои кралското семејство би требало да ги избегнува. Чарлс сепак мисли дека се наоѓа на позиција да изнесува силни ставови и оти би било „криминално“ тоа да не го користи за правилни нешта. Според непишаниот британски Устав, монархот мора да биде аполитичен. Но принцот од Велс, смета тој, не мора.

-Многу има работи на кои сум се обидувал да скренам внимание сите овие години, на работи на кои другите не обрнувале внимание. И сега конечно почнуваат да сфаќаат дека она што сум се обидувал да го кажам и не е така будалесто како што тие мислеле, изјави Чарлс во едно интервју во 2017 година. На загадувањето на океаните со пластика, за што денес сите се загрижени, Чарлс предупредуваше одамна. Но некои негови други ставови, како поддржување на комплементарна медицина и натаму предизвикуваат подбив.

Во 2013 година откриено е дека Чарлс имал 36 состаноци со министри во влади во текот на три години, а две години подоцна британскиот Врховен суд нареди неговите писма до министрите, кои во медиумите беа нарекувани „меморандуми на црниот пајак“ бидејќи ракописот му изгледа како шкртаници, дека можат да бидат јавно објавени. Чарлс, меѓудругото на министрите им пишувал за куќи на село, храната во болниците и судбината на некои загрозени риби.

Дијана

Меѓутоа темата која најмногу ја интересира јавноста и натаму е разводот на Чарлс од Дијана, нејзината  смрт во сообраќајна несреќа во Париз и неговиот втор брак со Камила. Некои неа ја обвинуваат за неуспехот на првиот брак на принцот. Анкетите сугерираат дека репутацијата на Чарлс никогаш не се опорави од штетата претрпена пред 20 години. Испитувањето на јавното мислење од почетокот на оваа година покажува дека само девет отсто од испитаниците го сметаат Чарлс за најдраг член од кралското семејство. Во истата анкета, 54 отсто одговориле дека за него имаат поволно мислење.  За политичар тоа би било одличен резултат, но рејтингот на кралицата и неговите двајца синови е значително поголем.

Во интервју од 1995 година Дијана сугерирала дека Чарлс не сакал да биде крал и оти тој не е создаден за така тешка улога. Оние кои работеле за него велат дека тоа не е точно.

-Чарлс веројатно ќе биде најподготвениот монарх во историјата и мислам дека ќе биде многу добар крал, изјави Луис.

Иако Чарлс неволно зборува за себе како за монарх, бидејќи предуслов за тоа е смрт на мајка му, зад сцената одамна сè е подготвено за таквото сценарио.

Дотогаш неговиот единствен живот на наследник продолжува. Луѓето со право говорат за придобивки, пари, палати и автомобили Бентли, изјави поранешниот соработник на принцот.

-Тоа навистина е привилегија, но и товар. Јас никому не би посакал таков живот.

Back To Top