skip to Main Content

Медицински отпад среде тротоар во Тетово

Медицински отпад среде тротоар во Тетово
  • 13.08.2019

Систем за инфузија со остатоци од крв во пластичната цевка фрлен на земја пред контејнер. Оваа фотографијата е направена на улицата „Цветан Димов“, кај контејнерите поставени непосредно по објектите на СВР Тетово покрај реката Пена и ја доловува несовесноста на поединци и неажурноста на комуналните служби во Тетово.

Ваквите фотографии на социјалните мрежи се честа појава со која дел од жителите на Тетово постојано укажуваат на несовесноста на луѓето. Дури и центарот на градот не е поштеден од постојаното фрлање на отпадоци. Фотографиите околу Центарот на култура ја доловуваат сликата во централното градско подрачје. Отпадоци од пластична амбалажа и друг вид смет го има на зелените површини. Како место за смет, наместо како прочистувач на воздухот, се користи и таканареченото „градско дрво-еколошкиот билборд“.

Во текот на летниот период жителите на Тетово се соочуваат и со потребата од поголема општинска грижа за комуналниот смет. Поради зголемување на бројот на луѓе-печалбари кои доаѓаат на одмор во родниот крај повеќекратно се зголемуваат количините смет кои се собираат во контејнерите па и надвор од нив. Сметот што се собира низ градот пред да се однесе во депонијата Русино, се складира на претоварна станица, што сега ја промени локацијата и се наоѓа во Фалише.

Според тетовската градоначалничка, Теута Арифи, проценките се дека нема да ги имаат старите проблеми, односно нема повторно да се собираат огромни купишта смет налик на дива депонија.

– Кога сме работеле за добивање дозволи за работа, имаме дозволи за двете локации. На времето кога сме ги спремале, сме спремале документација за двете позиции. Така да, мислам дека нашето јавно комунално претријатие проценило дека можеби во моментот им врши тука повеќе работа. Остануваат договорите со депонија Дрисла за носење на сметот таму, за претоварните да имаат помалку работа, изјави Арифи.

Неодамна невладината организација Еко Герила преку јавен повик побара Владата да ги одземе ингеренциите на општина Тетово поради неисполнетите законски обврски и нерешени проблеми пред се во областа на животната средина.

Back To Top