skip to Main Content

Лицата со попреченост заслужуваат здравствена грижа како и сите граѓани

Лицата со попреченост заслужуваат здравствена грижа како и сите граѓани
  • 22.02.2019

Лицата со попреченост заслужуваат здравствена грижа како и сите граѓани. Затоа, семејните лекари кои се во секојдневен контакт со пациентите, како и со лицата со попреченост, го имаат холистичкиот пристап кон решавањето на проблемите на секој граѓанин, а посебно на лицата со попреченост, истакна професор д-р Катерина Ставриќ од Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, на отворањето на обуката за јакнење на капацитетот на здравствените работници од примарната здравствена заштита што се одржува во Струмица.

Додаде дека семејните лекари треба да бидат нивни адвокати во здравствениот систем и да им помогнат полесно да имаат пристап до здравствените услуги.

Според Спасе Додевски, советник на премиерот на Република Северна Македонија и Национален координатор-претседавач со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, дискриминацијата на лицата со попреченост во пристапот до здравствените услуги се смета за највисок тип на дискриминација.

– Со сите наши активности нема да дозволиме оваа дискриминација да се реализира и понатаму. Ќе го искористиме овој период за да ги реализираме нашите препораки во однос на Конвенцијата преку соработката со нашите постојани партнери од ОН, рече Додевски.

Подвлече дека лицата со попреченост не бараат милост, туку бараат функционалност од аспект на сите права и затоа решавањето на овој проблем треба да биде на ниво на решавање на човечки права, а не во однос на одделување на посебна категорија.

Обуката е во организација на Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, Здружението „ХЕРА“ и „УНФПА“, во рамки на проектот финансиран од Фондот на партнерство на ОН за правата на лицата со попреченост (UNPRDP).

Back To Top