skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Католиците го слават Велигден
Граѓаните го избираат петтиот претседател, прв на Република Северна Македонија
Охрид, Дебар и Ново Село избираат градоначалници
За победа во прв круг потребни 904.066 гласови, во вториот 723.253
МВР подготвено да обезбеди достојна и безбедна изборна атмосфера
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK
ПРОСЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ ВИДЕО СОДРЖИНИ НА YouTube КАНАЛОТ НА 1ТВ
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV

Ладна вода да се напиеш од Теово – на душата починка да ѝ дадеш!

Ладна вода да се напиеш од Теово – на душата починка да ѝ дадеш!
  • 24.03.2019

Бевме во Папрадиште, во Велес, па дури и на Трескавецон кај Калист ве качив.

Денес ве носам во Теово. Тоа е рамничарско село кое се наоѓа во областа Азот на надморска височина од 260м., во средишниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна. Околни села се Согле и Плевење. Жителите се снабдуваат со вода од 7-8 бунари. Подалеку од Теово на селскиот атар избива единствениот извор Бела Чешма.

Одредени делови на селскиот атар ги носат овие имиња: Кале или Марково Кале, Стража, Селиште, Река, Брезица (река која дотекува од селото Габровник, чие име според селаните потекнува од времето кога Крали Марко имал тврдина на возвишението Марково Кале), Голема Чука, Бумбарчица, Остреш, Уши, Глава, Готовуша, Карпа, Рамниште, Црно Осое, Вртешка, Корија Ашанит (во турско време припаѓала на соседното село Согле, а таму некој си Рушан од Согле имал ќерамидница).

Теово има доста збиен тип. Куќите на секој род се блиску една до друга и на куп, заради што деловите од селото се викаат според родовите: Кировци, Плевењци, Каличовци и Калајџиовци.

Селото се наоѓа на еден од краците на Виа Игнација, а од Велес е оддалечено 30км. Според најстари записи е спомнато уште во 1335г.

Денес има 188 жители, сите православни Македонци. Околу средината на 19 век, таму се доселил и еден Албанец, Авмет, кој имал голем имот, но во 1912г. си заминал за Согле, кое е најблиското село од мешан етнички карактер.

Во селото има една црква св Атанасие (зимски) и еден манастир св. Архангел Михаил, кој има и свои конаци, прекрасна градина и нуди речиси хотелско сместување.

Јас првпат во Теово стигнав пред 10 години, мртов – болен, со температура, и со ракија оти одевме на селска слава која се празнува на Св .Јован Крстител.

И за еден час, како што ме дал Господ, ми се падна паричката во црквата и станав кум на селото за следната година!

Болештината помина, удривме музики и песни, славевме неколку дена со другарите, и следната година, со подршка на пријателите го угостивме селото со едно прекрасно чествување на празникот! Со сите нишани, ко што е адетот! Дадовме ручек, однесовме подароци, дури и бели гулаби пуштивме над Бабуна.

Иако на теовчани не им беше нај ќеиф оти кумот не им е од селото, ги убедивме дека знаеме да бидеме добри домаќини! Оттогаш, често навраќам кога можам, си спијам во манастирот и си седам со теовчани, добри луѓе, под нивниот јавор, на кој се особено горди бидејќи е стар 5 века, широк 10 м. и висок 30-40 м.

Селото е познато и по своето сирење направено со билки, и прекрасните предели околу реката Бабуна! Епа, кога ќе ве носи патот, обавезно да го посетите, да се напиете домашна ракија, да испиете едно пиво на кооперација, да замезите сиренце и да каснете зелник месен од златните раце на домаќинките!

Автор на текстот: Димитри Соле Љубин – поет и писател

1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.

Back To Top