skip to Main Content

Балканот се простува од Милена Дравиќ – „Инспирација, дама, голем човек, синоним за цела филмска епоха…“

Балканот се простува од Милена Дравиќ – „Инспирација, дама, голем човек, синоним за цела филмска епоха…“
  • 14.10.2018

Социјалните мрежи се преполнија со фотографии и текстои за Милена Дравиќ – на големо се пишува за нејзините лик, дело, талент, за тоа колкава дама била, колку достоинствено живеела, за тоа дека била голема ѕвезда, но многу скромна и прекрасна личност, како и за голема љубов со нејзиниот трет сопруг Драган Николиќ. Актерот почина на 11 март 2016 година, а сега по смртта на Милена Дравиќ, многумина пишуваат потресни пораки порачувајќи „да почива во мир конечно со нејзиниот Гага“.

На социјалните мрежи може да се прочита и за една случка од нивниот живот, кога конечно собрале пари да го сменат стариот автомобил, но сепак одлучиле парите да ги донираат за сиромашен татко со болно дете.

 

Сочувство изразија и политичарите

Српскиот претседател Александар Вучиќ упатил телеграма со сочувство до Здружението на драмски уметници на Србија и до Здружението на филмски глумци во која пишува: „Останавме без нашата Милена Дравиќ, великанка на југословенската и српска уметност. Милена ја одбележа втората половина на 20-от век во театарот, на филмот и на телевизија. Нека и е вечна славата и и благодарам, бидејќи нашето општество го направи подобро, а културата ја збогати“, порача Вучиќ.

Се јавија и премиерката Ана Брнабиќ, претседателката на српската Скупштина Маја Гојковиќ и министерот за култура и информирање Владан Вукосављавиќ. Премиерката Брнабиќ порача: „Со својот раскошен актерски талент и со фантастичните филмски, театарски и телевизиски улоги, Милена Дравиќ остави неизбришлива трага во нашата култура. Секогаш достоинствена и единствена, пленеше со својот неверојатен талент и шарм. Ќе остане запамтена како една од најголемите ѕвезди на домашното глумиште, но и како голема дама и голем човек“, пишува Брнабиќ.

Претседателката на српската Скупштина Маја Гојковиќ исто така пишува дека Дравиќ оставила трага во кинематографијата, којашто никогаш нема да се избрише. „Со голема тага ја примив веста за смртта на легендата на нашето глумиште. Со својот единствен шарм и талент, Милена засекогаш ја одбележа српската и југословенската кинематографија. Беше и ќе остане инспирација за многу генерации млади актери“, вели Гојковиќ.

Министерот за култура Вукосављавиќ пишува дека „нејзината смрт многумина ја доживуваат како вест за починување на некој близок“. Тој додава и дека Милена Дравиќ била другото име за една голема епоха на домашниот филм, актерка со единствен лирски сензибилитет, како за на филм, така и за телевизија и театар. „Освојуваше со шармот, љубезноста и добрината. Беше ѕвезда, но секогаш беше скромна и непосредна“, вели Вукосављавиќ во телеграмата со сочувство.

 

Нејзините последни интервјуа ја растажија нацијата

Милена Дравиќ почина вчеравечер на Клиничко-болничкиот центар Бежаниска коса, во својата 79-та година од животот. Таму била на лекување, а последните денови нејзината здравствена состојба била се полоша. Лекарите се обиделе да направат се, но немало спас. Дравиќ со лошото здравје се борела во изминатите две и пол години, откако остана без сопругот Драган Николиќ, исто така великан на филмот од овие простори. По неговата смрт, таа се повлече од јавноста. Во едно од ретките интервјуа, пред околу пет месеци, таа изјави:

„Не можам да се враќам по секоја цена. Се враќам со темпо кое мојот организам и моето здравје го дозволуваат. Ќе видиме, ништо не гарантирам и не ветувам. Јас се изнаработев, дал Бог. Сепак, ете, би сакала уште да придонесам во оваа професија, но за жал не зависи од мене.“

Денес, по нејзината смрт сите пишуваат за тоа дека љубовта меѓу Милена и Драган била една од најубавите што ќе ги слушнете. Во едно друго интервју, Дравиќ за Николиќ, по неговата смрт вели:

„Драган има направено многу. Мислам дека во иднина допрва ќе се види колку е тоа вредно. Тој е одличен актер, актер на големите трансформации. Но, Драган беше исклучително скромен. Сега кога сè се акумулирало на едно место, се гледа неговото огромно дело – филмската работа, театарската и телевизиската. Драган изгради големи улоги, и мислам дека идното време е во прилог на неговата работа.“

 

Импресивната биографија на Милена Дравиќ

Милена Дравиќ е родена на 5 октомври 1940 година во Белград, на Дорчол, спроти црквата Св. Александар Невски. Завршила во основното училиште „Јанко Веселиновиќ“ на Душанова улица, а потоа се запишала во машка гимназија. Нејзиниот татко Миленко играл фудбал, но морал да се повлече кога дознал дека боледува од заразна жолтица. Неколку години подоцна, нејзиниот брат Раде стана хокеј играч. Мајка и Ана била телентирана за пеење. И покрај тоа што сонувала тоа да и биде професија, сепак одлучила да биде домаќинка и да присуствуваат постојано со семејството. Милена вели дека нејзините критики и совети отсекогаш биле најважен за неа. Нејзината тетка, кај Милена рано препознала талент за рецитирање и за сценски настапи, па замолила некоја своја пријателка да процени дали е во право. Таа се сложиал со тетката на Милена и на родителите на малото девојче им предложила да ја запишат на балет. Тоа се случило веднаш. Милена се стекнала и со манекенско искуство. Набрзо стигнала и првата филмска понуда.

Дравиќ во филмот се појавила случајно. Во 1959 година за прв пат го напуштила Белград и отишла кај тетка си во Сараево. Ја забележал словенечкиот режисер Фратишек Чап и и дал улога во неговиот филм. Оттогаш, за идната филмска дива се отвориле вратите. Снимала цело лето, а продуцентот била филмската куќа „Босна филм“. Милена по некое време се запишала на Факултетот за драмски уметности и почнала да работи на филмот „Прекубројна“ во режија на Бранко Бауер. Играла девојка од село која со своето момче тргнува на работна акција. И покрај тоа што била многу мотивирана кога се запишала на факултет, Милена тогаш сметала дека нејзиното преживување во филмот е неизвесно. Сепак, добивањето на наградата Златна арена на Филмскиот фестивал во Пула, ја натерало да сфати дека пред неа е голема кариера.

Следува воениот филм „Козара“, како и политичкиот филм „Човекот не е птица“ со Ева Рас – добитник на наградата Сребрена арена на фестивалот во Пула. Во 1967 година ја одигра Хасанагиница во успешната екранизација на народната балада. Истата година ја доби наградата Златна роза на Филмскиот фестивал во Венеција за нејзината улога во „Утро“ со Љубиша Самарџиќ.

Прерасна во една од најпознатите српски и југословенски актери. Играше во повеќе од сто филма, меѓу кои: „Утро“, „Козара“, „Битката на Неретва“, „Работа на одредено време“, „Татко на службен пат“, „Секула повторно се жени“, „Не е лесно со мажите“, „Зона Замфирова“… Позната  е и по култните серии „Театар во куќа“ и „Луд, збунет, нормален“. Со својот трет сопруг и колега Драган Николиќ од 1972 до 1974 година ја водеше популарната шоу програма „Образ покрај образ“. Милена често играше самохрана мајка, селска жена, жена од работничката класа. Беше пионер и ексцентрична хероина. Голем дел од успехот во кариерата го должи на романтичните комедии во кои таа глуми заедно со Љубиша Самарџиќ.

Милена Дравиќ е добитничка и на најпрестижната српска филмска награда Добричин прстен и Жанка Стокиќ за целокупниот придонес за југословенската и српската кинематографија, како и на наградата Јоаким Вујиќ, наградата Павле Вуишиќ на Филмските средби во Ниш, четири награди на Деновите на комедијата во Јагодина, како и на дури рекордни 10 награди Златна арена на Филмскиот фестивал во Пула. Сето ова е причината зошто важи за можеби најголемата ѕвезда во историјата на српската и југословенската кинематографија.

Последната улога што ја одигра беше Ксенија во популарната серија „Синѓелиќи”.

 

Бред Пит пред 30 години ја почнал кариерата како син на Милена Дравиќ

Во еден од многуте филмови во нивните кариери, во далечната 1988 година во Котор, холивудскиот актер Бред Пит глумеше рамо до рамо со легендарната Милена Дравиќ. Станува збор за дебитанстскиот филм на Пит, „Темната страна на сонцето”, во режија на Божо Николиќ. Дравиќ во него ја игра неподвижната мајка на ликот кој го толкува Бред Пит.

 

Првиот сопруг никогаш не престанал да ја сака

Милена Дравиќ првпат се омажила за режисерот и сценарист Младомир Пуриша Ѓорѓевиќ во 1960 година. Се развеле по само неколку години заеднички живот. Тој денеска раскажува дека со воодушевување се сеќава на времето минато со неа.

„Љубовта е многу важна, особено кога таа љубов ќе не остави. По разводот се гледав со љубовта која ме остави во 1980 година. Дали верувате дека од тогаш не се опаметив. Но, од сите жени кои ги познавав и кои ги сакав, се уште и најмногу ја сакам Милена Дравиќ. Таа љубов во 1960 година премина во брак. Во тоа време беше голема ѕвезда. Заедно одевме од филм во филм. Сфатив дека по многу работи не сум човек за неа, пријателски се разведовме“, раскажува Пуриша Ѓорѓевиќ.

Тој во едно интервју пред една година повторно раскажува дека Милена му била најголема љубов и дека сакал да направи повторно филм со неа.

„Желба ми е да снимам уште еден филм. Го напишав за Милена Дравиќ. Таа може да одигра уште многу големи улоги. Работата и љубовта би и го продолжиле животот. Направив една музичка приказна – една постара жена се заљубува во помлад колега“, раскажува режисерот и сценарист Ѓорѓевиќ во интервјуто за српски Курир, лани во декември.

Вториот брак на Милена е тој со режисерот Војислав Кокан Ракоњац, кој траел се до неговата смрт во 1969 година, на 34-годишна возраст. Заедно работеле на забавниот детски серијал „добра ноќ, деца“.

 

Милена и Гага – венчавка без фотографии, брак што е поим за љубов

Милена Дравиќ беше во брак со Драган Николиќ четири и пол децении и беа еден од најомилените актерски парови на просторите на поранешна Југославија. Се запознале на снимањето на филмот „Хороскоп“ во 1969 година. Се венчале во последните денови од декември 1971 година. Се разделиле по 45 години брак, по смртта на Драган Николиќ.

„Хороскоп“ бил четврти филм за Николиќ, но Милена Дравиќ веќе уживала во голема популарност како една од најголемите ѕвезди на Југославија. Николиќ, потсетувајќи се на запознавањето раскажува: „Кога и пријдов имав впечаток дека е девојка од соседството, која ја познавам цел живот. Токму тоа е нејзината големина. Ме освои со својата непосредност и нормалното однесување.“

Потоа во Звездарска шума ја снимале драмата на Душко Радовиќ „Како се сакаа две будали“. Иако многу ретко, но секој пат со пофалби зборувале за својата врска и за приватниот живот, Милена во една изјава за медиумите се потсетува: „На пауза за ручек, Драган и јас скокнавме до општината Врачар и се венчавме. По пат ни се придружи Сека Сабљиќ, која ни беше кума. Таа и Драган беа добри пријатели и се дружеа уште од студентските денови на ФДУ. Откако официјално станавме брачен пар, отидовме на ручек. Потоа се вративме во Опсерваторијата на Звездара и продолживме со снимање како ништо да не се случило“, раскажува Милена потсетувајќи се на денот на венчавката.

Сека Сабљиќ во интервју неодамна раскажа дека Драган го доживувала ккао брат и кога тој и раскажал дека „се смувал“ со Милена, таа не му верувала, бидејќи тогаш веќе била ѕвезда. „Сепак, таа наскоро стана негова Милена“, се потсетува Сабљиќ.

Следниот заеднички проект е шоуто „Образ до образ“ по кој се видело дека припаѓаат заедно, а воедно ги освоиле срцата на публиката. Водителскта работа како пар на шоуто исполнето со музика и скечеви, ја делеле од 1972 до 1974 година.

По ова, заедно настапуваат и во југословенската хит серија „Враќањето на отпишаните“, снимена во 1977 година. Милена ја толкува улогата на Јулијана Лула Митриќевиќ, а Драган со улогата на Прле стана миленик на целата поранешна држава.

Драган Николиќ почина на 11 март 2016 година. Медиумите од регионот и денес пишуваат дека  оставил празнина во шмекерството и глумачкиот универзум која никој не успеал добро да ја пополни. Во едно од последните негови интервју, тој зборувајќи за животот со Милена, ја открива тајната а нивната љубов којашто истраа децении:

„Секогаш мора да постои толеранција и разбирање, а потоа е се останато. За брак кој трае повеќе од 30 години, може да да се најдат повеќе причини за крај, отколку за продолжување. Сметам дека е најлесно нешто да се заврши, а многу е потешко да се бориш. Понекогаш и мала кавга мое да го освежи денот. Понекогаш е потребно да се биде и љубоморен, бидејќи и тоа е показател за љубов, но јас тоа не го покажував. Што се однесува до нас, Милена отсекогаш била погласна, но и побрзо простуваше.“

 

Годинава ќе славеа 45 години брак

„Драган и јас годинава ќе славевме 45 години брак. Нашата љубов е ногу повеќе од сето тоа што било напишано за неа. Се сакавме необјасниво и на наш начин. Не знам како е во други врски и бракови за да споредувам. Горда сум на тоа што го имавме. Тоа ми даваше сила и поттик и тога кога се чувствував лошо“, раскажа Милена за српски Блиц годинава во мај. По смртта на сопругот, таа се повлече во себе и времето го минуваше во својот стан во Белград, каде што ја посетуваа роднините и пријателите.

„Таков е животот, суров. Ми го оттргна Драган, како и многу други луѓе што ги сакам. Имам свој круг на пријатели, цел живот. Во последно време најмногу ми одговара да седам дома и да читам нешто. Не морам да правам ништо што не сакам и останувам дома кога не ми е денот, и покрај бројните повици за некакви случувања. Им благодарам на сите што нме бараат, но не сум расположена и способна за појавување во јавност и за собирања“, додава таа појаснувајќи како го минувала времето.

На прашањата за своето здравје, таа одговара само куртоазно, веќе револтирана од пишувањата во медиумите. Написите за нејзината здравствена состојба, за смртта и болеста на нејзниот покоен сопруг, тогаш ги нарекла „хајка и медиумски линч“. Со оглед на тоа дека немале деца, делувала осамено,но достоинствено признавала дека Драган и недостига секој ден се повеќе и повеќе.

 

„Сакам да се облечам убаво и да се нашминкам“

Пофалби за физичкиот изгледа и автентичниот стил, кои ја сместуваат меѓу наголемите дами, на Милена отсекогаш и измамувале насмевка на лицето. Сметала дека да биде дотерана и задоволсна од својот изглед се нејзина обврска.

„Како глумица морам секогаш да водам сметка како се појавувам, да бидам уредна пред се. Стилот го изградив гледајќи ги пред се жените во моето семејство, на кои им се воодушевува и уште ги почитувам. И натаму се чувствувам убаво кога ќе се нашминкам и кога ќе се облечам убаво“, изјавила Дравиќ во една прилика.

 

Ќе почива во Алејата на великаните, до својот партнер

Милена Дравиќ ќе пoчива во Алејата на заслужните граѓани во Белград. Актерката ќе биде погребана до својот децениски партнер – и во приватниот и во професионалниот живот, Драган Николиќ.

 

Елена Џугуманова

Back To Top