skip to Main Content

Процедурата за уставните измени влезе во Собранието – анализа во Студио 1

Процедурата за уставните измени влезе во Собранието – анализа во Студио 1
  • 10.10.2018

Тема на отвореното Студио 1 е расправата во Комисијата за уставни прашања каде што Владата ги иницираше уставните амандмани за спроведување на Договорот од Преспа. Во интервју емитувано на Еуроњуз, уредникот Борјан Јовановски разговараше со премиерот Зоран Заев.

По одржувањето на референдумот, кои се следните чекори за имплементација на Преспанскиот договор? Комесарот Хан повика да се најде решение во Парламентот за да не се губи време со предвремени парламентарни избори.

-Прво, драго ми е што еден ваков врвен демократски процес заврши успешно, каде што сите граѓани кои одлучија излегоа да го кажат правецот во кој се движи државата и еве повеќе од 91% не упатија многу прецизно нас, политичарите, пратениците, да одиме во Парламентот и да го спроведеме тоа. За тоа е исправен и комесарот Хан и целата меѓународна заедница со пораките на еден внимателен начин дека пратениците сега треба да ја дозавршат работата и тоа е тоа што го очекуваме. Ние сме максимално фокусирани, разговараме, заради тоа што јас сум убеден дека и опозицијата е за ЕУ и за НАТО. Немам дилеми околу оваа работа, прашањето е да престанат овие политички калкулации и да ја завршиме работата за државата. Ова се токму денови кога разговараме. Јас разговарам, пратениците меѓу себе разговараат, раководството на владејачката партија, и нашата и другите владејачки партии од албанскиот блок разговараме со пратеници и веруваме дека е возможно и ќе направиме се тоа да се оствари.

Другата опција е да се оди на предвремени парламентарни избори. Доколку на тие предвремени парламентарни избори не го обезбедите потребното двотретинско мнозинство, дали тоа значи дека Преспанскиот договор е мртов?

-Не. Апсолутно јас верувам прво во првата цел, која е многу легитимна, логична и нормална работа што треба да се заврши. Ако се пробаат сите можни начини тоа да се оствари во Парламентот и да не успее, тогаш изборите се неопходност. На Македонија не и требаат избори, Македонија е во убав налет, ќе отвораме поглавја во јуни, ќе почнеме да седиме на масата на НАТО во Брисел каде што ќе почне ратификацијата на потпишан протокол по парламентите во 29-те земји членки на НАТО. Има убав период. Економски, одличен период за Македонија. И не треба да одиме на избори освен ако мораме. И ако се оди на избори, е многу видливо и многу логично дека е извесна цел двотретинско мнозинство од повеќе од 80 пратеници. Анализите покажуваат дека таму можеме да ги преклопиме гласовите коишто беа „за“ со најдоброто време на ВМРО-ДПМНЕ, имаме две третини, дури и со гласовите од 2017 и со гласовите од изборите во 2016, а јас верувам дека тие гласови ќе бидат многу повеќе при вакви парламентарни избори, но, како што напоменав, тие избори би биле само од неопходност или насушна потреба. Уште еднаш, секоја можност ја користам да апелирам на трезвеност и на одговорност пред државата и нејзината иднина и верувам дека сепак пратениците ќе ја завршат својата државна обврска.

Целото интервју погледнете го во видеото.

Back To Top