skip to Main Content

236 микро и мали фирми заинтересирани за државна помош од Владата

236 микро и мали фирми заинтересирани за државна помош од Владата
  • 24.06.2018

Вкупно 236 главно микро и мали фирми од земјава покажале интерес за државна помош за раст и развој на својот бизнис. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации Јован Деспотовски денеска ги презентираа првичните податоци од првиот повик и истаканаа дека бројот на апликации ги надминал нивните најоптимистички очекувања.

Анѓушев смета дека тие го препознале овој механизам корисен за нив и дека кај младите луѓе во Македонија се вратил ентузијазмот да инвестираат.

-Вкупната инвестиција на компаниите што аплицирале е 52 милиона евра, од кои бараат 33 милиони помош од Фондот, или 63 проценти, а 19 милиони евра или 37 проценти би биле нивна сопствена инвестиција. Важно е што од тие што аплицирале 83 или 35 отсто се микро компании и 115 или 49 проценти се мали компании. За нив и беа наменети овие мерки, што укажува дека тие биле димензионирани соодветно според потребите. Останатите апликации се од средни и големи фирми, рече Анѓушев на прес-конференцијата попладнево во Владата.
Тој потенцираше дека се среќни што од 236-те апликации, 208 односно 88 проценти се во делот на иновативноста, што покажува дека Македонија има млади иновативни луѓе кои имаат идеи.
Директорот на Фондот, Деспотовски пак рече дека 92 процента од средствата кои компаниите ги побаруваат за поддршка на инвестиции се во делот на развој на иновации.

-Износот на средства што компаниите го побаруваат за инвестиции во првиот повик е 11 пати повисок од средствата што ги планиравме за овој повик, односно 3,5 пати повисок од вкупниот буџет за Планот за економски раст.Овие бројки, всушност, покажуваат колкав е апетитот на домашните компании за ваков тип финансиска поддршка на економијата, а покажуваат и дека со правилна финансиска поддршка од Владата компаниите се подготвени да инвестираат и сопствени средства во проектите – рече Деспотовски.

Тој потенцираше дека за реализација на овие проекти компаниите планираат ангажирање на над 1.300 лица (од кои 27 проценти нови вработувања), со просечна плата од околу 700 евра месечно.
Според индустрии, најмногу инвестициски проекти има од ИТ-областа (околу 30 проценти), потоа следуваат од енергетиката, технологијата и машинството, трговијата и градежништвото. По региони, над половината апликации (околу 60 проценти) се од компании од Скопје.

Со оние што ќе бидат прифатени ќе бидат поптпишани договори на средината на јули откако ќе помине фазата на евалуација и претселекција што ќе ја прават над 200 стручни лица за 20 области, а втор филтер при изборот ќе биде комисија од странски експерти. А нов повик за поддршка ќе има наесен.

Александра Филиповска

Back To Top