skip to Main Content

Ќе се ослободи ли јавната администрација од партизираност?

Ќе се ослободи ли јавната администрација од партизираност?
  • 21.06.2018

Почнува ли да се ослободува јавната администрација од партизираност и политички притисоци и што е потребно да се направи за вработувањата во јавните институции да бидат врз база на професионалност, а не партиска книшка?

Ова беа дел од поентите на денешната конференција на тема „Процедурите на вработување во администрацијата на централно и локално ниво по изборите“во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупција, на кој беа присутни владини претставници и невладини организации.

Вкупно 86 проценти од вработувањата во институциите пред изборите се службеници, додека 94 проценти од вработувањата по изборите се директори, покажува истражувањето на Брима.

Според Миша Поповиќ, од Платформа на граѓански организации за борба против корупција, во Македонија има општа согласност дека принципот на вработување е врз политичка припадност, а не врз систем на заслуги.

Фани Кимова, проект-менаџер на Брима истакна дека резултатите од фокус групите покажуваат дека за граѓаните не е проблем дали постои транспарентност и законитост во постапките, но дека не е тоа доволен показател дека навистина не постојат манипулации во процесот на вработување.

-Според истражувањата, граѓаните немаат доверба во системот и институциите, потребно е многу да се работи за враќање на таа доверба. Негативната компонента кон јавните институции која се создаде изминативе десетина години, тешко ќе се отстрани од перцепцијата на луѓето, но сепак, постои позитивно гледање и надеж поради промената на власта, бидејќи се надеваат дека ќе биде подобро, вели Кимова.

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, рече дека ваквите истражувања се важни за воспоставување одговорна, деполитизирана и транспарентна локална администрација, бидејќи ја покажуваат вистинската слика за јавната администрација. За жал, сите сме свесни до кој степен е политизирана јавната администрација во последните 12 години. Тоа ја зголеми недовербата во системот кај граѓаните, рече Павлески.

Анализата е поделена на квалитативен дел со пет фокус групи и квантитативен дел на примерок со вкупно 58 државни и јавни институции на територија на Р. Македонија, од сите осум региони и 33 поголеми општини во периодот февруари-април 2018 година.

Резултатите покажуваат дека постојат два главни феномени во перцепцијата на испитаниците за процесот на вработувањето во администрацијата. Прво е негативниот стереотип на чувство на безизлезност и незадоволство од партиски вработувања и непотизам во администрацијата, а вториот е чувство на скромна надеж дека со промена на власта ќе се придвижат работите на подобро.

За 66 проценти од испитаниците процесот на вработување е транспарентен, додека 79 проценти од испитаниците рекле дека правилно се спорведува постапката. Сепак, најголем дел од испитаниците сметаат дека проблемот е систематизацијата на работните места и однапред прилагодување на јавните огласи.

 Јана Јосифоска

 

 

Back To Top