skip to Main Content

Јанева бара судовите да закажуваат рочишта за да не застарат предметите

Јанева бара судовите да закажуваат рочишта за да не застарат предметите
  • 29.08.2018

Направени се значајни чекори во утврдувањето на кривичната одговорност  за делата поврзани од прислушувањето две и пол години од формирањето на Специјалното јавно обвинителство, и покрај значителното мешање на други институции, се вели во извештајот на ОБСЕ за работата на ова обвинителство.

СЈО има поведено 20 предмети, три поврзани со скандалот со прислушување против наводните автори на нелегалното прислушување, 17 кои произлегуваат од прислушуваните разговори и наводните кривични дела кои беа откриени со пресретнатите комуникации и четири предмети преземени од Јавното обвинителство („Монструм“, „Пуч“, „Сопот“ и „Шпион“).

До 30 јуни 2017 година, СЈО води 20 истраги за кои е подигнато обвинение, обвинети се вкупно 142 лица како и седум компании. 20 обвиненија се потврдени до крајот на јануари 2018 година а има и 12 тековни истраги. Најчесто дело кое се гони од страна на СЈО е злоупотреба на службената положба и овластувања, односно девет случаи.

Обвинителката Јанева на трибината организирана од ОБСЕ побара од судовите да закажуваат рочишта и да не се доведат во ситуација делата да застарат.

Во однос на предметот „Тврдина-Таргет“, Јанева рече дека СЈО ќе докаже дека 20.000 граѓани биле прислушувани.

Во препораките во својот прв преоден извештај ОБСЕ препорачува до СЈО да го истражи целиот обем на извршени кривични дела, како и сите осомничени лица, а кога во одреден случај ќе нема доволно докази, СЈО транспарентно да соопшти за да нема очекувања во јавноста.

Катица Јанева за шестиот извештај на СЈО кој треба да излезе на 15.септември, најави и дека ќе има специјален дел кој ќе се однесува на работата на судовите и судиите.

Back To Top