skip to Main Content

Што ќе содржи новиот закон за заштита од дискриминација – тема во Студио 1

Што ќе содржи новиот закон за заштита од дискриминација – тема во Студио 1
  • 01.03.2019

По прашината што ја крена реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дали со новиот антидискриминациски закон ќе се избришат семејството и термините мајка и татко што ја демантираше Министерството за труд и социјална политика, новинарите Јана Јосифоска и Влатко Чаловски во отвореното Студио 1 на оваа тема разговараа со Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација.

-Законот не содржи ниедна одредба која зборува дека ќе се менува бракот или ќе се дозволи брак или регистрирано партнерство или заедница за истополовите двојки. Зборуваме за закон за заштита од дискриминација. Тој ги штити сите граѓани од дискриминација – Ромите, луѓето со попреченост, сиромашните, врз основа на политичко уверување, но и врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Нивното вметнување беше клучно барање на ЕУ, бидејќи за претходниот закон беше оценето дека не ги исполнува доволно стандардите на ЕУ правото, затоа што ЛГБТ луѓето не беа експлицитно заштитени, објаснува Дрндаревска.

Како што додава, законот ќе ги штити сите граѓани без разлика на полот и тоа дали се или не се ЛГБТ. Тоа значи дека кафулињата не смеат да одбијат некого затоа што е Ром, болниците не смеат да одбијат лице што не е или е транс. Станува збор за генерална заштита од дискриминација. Таа вели дека верува дека законот ќе биде донесен до средината на март, но останува да се почека и да се види.

-Важно е тоа што подготовката на законот почна во 2016, кога Министерството беше раководено од тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Самите тие прифатија сексуална ориентација и родов идентитет. Од друга страна, гласаа „за“ сексуална ориентација и родов идентитет во Законот за аудио-аудиовизуелни медиумски услуги. ВМРО-ДПМНЕ не можат да кажат дека не знаат што е родов идентитет, бидејќи го поддржаче истото во друг закон, вели Дрндаревска.

Во врска со наводната замена на термините „мајка“ и „татко“ со „родител 1“ и „родител 2“, која беше спинувана во медиумите, изјави дека во законот нема нешто такво, туку родителството, бракот и семејството се уредуваат со Закон за семејство.

-Во важечкиот закон против дискриминација постои дефиниција за брак, истата е на ниво на исклучок од дискриминација. И ова решение беше критикувано и од граѓанските организации, но и од ЕУ, затоа што самиот закон небаре содржи ваква одредба. Од друга страна, дефинирањето на брак во закон за недискриминација е исто како да дефинирате брак во закон за животна средина, вели таа.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top