skip to Main Content

Шекеринска и Османи: Огромно мнозинство граѓани гласаа за Европска Македонија!

Шекеринска и Османи: Огромно мнозинство граѓани гласаа за Европска Македонија!
  • 01.10.2018

На референдумот граѓаните достоинствено гласаа и со мнозински глас одлучија дека иднината на земјата е во НАТО и Европската унија. Повеќе од 91 процент од излезените односно повеќе од 600 илјади граѓани избраа да гласаат за Европска Македонија, смета вицепремиерката Радмила Шекеринска. Според неа политичката идеја Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО доби повеќе гласови од било кој на парламентарни избори во историјата на независна Македонија. Шекеринска порача дека со мнозински изразената волја, пратениците немаат друга опција освен да го следат гласот на мнозинството во Собранието за да се забрзаат процесите. Ова е јасен повик сите пратенци да му се приклучат на процесот да работат на оваа цел, вели вицепремиерката.

– Дури и во случај на поголема излез на референдумот, бројката да одговараше на најголемите одѕиви забележани во Република Македонија, од милион и 16 илјади излезени, овој резултат од над шестотини илјади граѓани ќе значеше јасна одлука на граѓаните и јасна опреелба за европска Македонија. Имаме повеќе гласови „за“ од било кој победник на било кои парламентарни избори. Одлучија гласовите на тие кои гласаа. Тоа беше пораката што ја испративме до граѓаните, изјави вицепремиерката Радмила Шекеринска.

Огромната поддршка од граѓаните дава поттик за продолжување на имплементацијата на договорот со Грција со конечна цел, интеграција на Македонија во европското семејство. Од тоа значи стабилноста, мирот, и економскиот просперитет на Македонија, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Прашањето на цензусот не е поврзано со прашањето на референдумот, вели тој, потенцирајќи дека единствениот инструмент кој е мерлив се гласачите кои гласаат за или против.

– Граѓаните јасно се определија дека сакаат во НАТО и ЕУ. Неуспехот на овој процес значи политичка, безбедносна и економска непредвидливост, статус кво. Вчера немавме одлука за нијанси, туку имавме контраст меѓу црно и бело, прогрес и регрес, добро и лошо. Гледам дека се појавуваат дилеми во однос на цензусот, но прашањето за цензусот не е поврзано со прашањето за референдм. Имавме проблеми со цензусот и при претседателските избори и затоа бевме приморани да го спуштиме. Вчера имавме наменски референдум да ја видиме волјата на граѓаните. 91 процент е најголемо мнозинство добиено на било кој референдум, можам со ова само да им честитам на граѓаните, изјави вицепремиерот Бујар Османи.

Османи и Шекеринска велат дека ограничен е периодот за имплементација на обврските од договорот, па затоа власта и мнозинството до последната секунда ќе ги вложуваат сите свои напори да не се пропушти ова историска а можеби и последна шанса Македонија да го фати европскиот воз. Доколку на целиот овој пат се соочуваат со сопки од опозицијата, тогаш единственото решение се предвремени парламентарни избори.

Антонио Крстевски

Back To Top