skip to Main Content

Шекеринска во Студио 1: Опциите за Договорот се две, не сакаме да ни ја враќаат амнестијата на маса

Шекеринска во Студио 1: Опциите за Договорот се две, не сакаме да ни ја враќаат амнестијата на маса
  • 03.10.2018

СДСМ сака процедурата за уставните измени поврзани со Договорот од Преспа да влезе во Собранието, како што соопштија непосредно по референдумот. За да се заврши успешно, потребно е двотретинско мнозинство коешто зависи од одреден број на пратеници од опозицијата, вели вицепремиерката министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

-Сметаме дека 610.000 гласачи се бројка којашто за првпат во Македонија застанува зад една идеја и тие гласачи и нивниот глас мора да се чујат во Собранието на Р. Македонија. За нас постојат две опции – едната е тој глас да биде чуен и да добиеме двотретинска поддршка за уставните измени, доколку тоа е невозможно, опцијата којашто ја предложивме самата вечер се предвремени парламентарни избори, изјави таа.

Во врска со тајното гласање во Парламентот што го промовираше вчера во отвореното Студио 1 вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, Шекеринска вели дека ДУИ се надеваат дека ќе се направи обид за мнозинство, но имаат заеднички став како влада, затоа што немаат бесконечен број на опции.

-Едната опција е да постои двотретинско мнозинство, другата е да се имаат избори. Бујар Османи, па и Али Ахмети во други прилики кажаа дека се согласуваат со таа опција, со тоа што се надеваат дека сепак има шанси да се обезбеди двотретинско мнозинство, рече Шекеринска.

Таа објаснува дека разговори од типот на лидерски средби на коишто ВМРО-ДПМНЕ доаѓало со предлози коишто се апсолутно неприфатливи, би бил губење на време.

-Ние ќе ја направиме последната проценка, има различни ставови околу расположението во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Сите пораки од странство се исти – испуштате шанса, и она што е ново, од денеска се зборува за одговорност. Некој треба да поднесе одговорност. Партијата којашто ја спомнуваа како најсилен поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ денеска од нив бара одговорност ако не ги поддржат уставните измени, изјави Шекеринска.

Според неа, втората опција за СДСМ е единствениот разумен план Б, затоа што Македонија не може да си дозволи да влезе во уште еден процес на постојани преговори во кои или на маса или под маса, ВМРО-ДПМНЕ ќе пушта барање за амнестија, што за нив не е опција.

-Она што е сега интересно, е дека во ситуација кога вечерта ние излеговме со опцијата дека или ќе гласаме уставни измени или ќе одиме на предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ до денеска се што прави на прес конференции е да додаде уште еден услов пред да има предвремени избори. Денеска стана јасно со нивното барање за техничка влада минимум една година, за јавен обвинител, за анкетна комисија. Бараат анкетна комисија за референдумот истата партија која го има претседателот на ДИК задолжен да го спроведе референдумот, кој со свој потпис застанал зад резултатите и којашто го формираше и ги избра сите судии на Управниот суд кој би бил задолжен да реагира во случај на приговори, вели Шекеринска.

Таа објасни дека рокот да се постигне парламентарно мнозинство за да не се оди на избори е 7 до 10 дена од денот на референдумот и дека во моментов не се во тек никакви преговори меѓу партиите. Според неа, нема контакти ниту обид на меѓународната заедница да посредува кај ВМРО-ДПМНЕ, затоа што и самите се свесни дека ако разговарате со човек кој не стои зад кажаното, го губите и сопствениот кредибилитет.

Целиот разговор погледнете го во видеото.

Back To Top