skip to Main Content

Хронологија на 27-годишниот спор меѓу Македонија и Грција (Видео)

Хронологија на 27-годишниот спор меѓу Македонија и Грција (Видео)
  • 17.06.2018

Македонија и Грција пишуваат нова историја, по повеќе од 20 години нерешлив спор за името се става потпис за затворање на едно од најгорливите прашања во македонско-грчките односи.

Со прогласувањето на независност на Република Македонија, по успешниот референдум спроведен на 8 септември 1991 година, на кој мнозинството македонски граѓани се изјаснија „за“ суверена и независна македонска држава, започнува негаторскиот став на Грција на уставното име на земјава.

Грчките опструкции и негативната пропаганда што се води против меѓународното признавање на Република Македонија се постојано активни во тој период. Блокадите заради името се изразени и во однос на зачленувањето на земјава во меѓународните организации, бидејќи Грците отсекогаш го сметале името „Македонија‟ како составен дел од грчкото културно наследство. Освен тоа на територијата на Грција има провинција Македонија, а според тврдењата, официјална Атина стравува дека Скопје крие територијални амбиции.

Односите меѓу Македонија и Грција видно се влошуваат кога Република Македонија како нова независна држава, за амблем на државното знаме ја одбира Ѕвездата од Вергина-сонце со шеснаесет краци. Грчките власти не можат да се помират со ваквиот потег на што постојано следат жестоки реакции, бидејќи сметаат дека Ѕвездата од Вергина е стар грчки симбол.

Атмосферата во Грција дополнително зоврива во 1992 година, кога повеќе од милион Грци протестираа во Солун скандирајќи „Македонија е грчка“.

Под силен меѓународен дипломатски притисок, особено врз македонската страна, за прифаќање на Резолуцијата 817 со која Советот за безбедност на ОН му препорачува на Генералното Собрание да ја прими РМ во ОН под привремениот назив ПЈРМ.

Со името Поранешна Југословенска Република Македонија, државата во 1993 година станува членка на ОН. Повеќето други држави меѓу кои и САД и Русија подоцна го признаваат уставното име на Македонија, но сепак, поради силното грчко лоби кај некои од големите и моќни држави, РМ не може целосно да излезе од меѓународната изолација.

Грчките опструкции одат дотаму што покрај првата економска блокада што ја воведува кон Република Македонија во 1992 година, истиот чекор го прави и во 1994 година, со нова економска блокада за да предизвика голема економска криза и да издејствува уставни измени како и промена на името, а со посебен акцент за промена на амблемот на македонското државно знаме. Економското ембарго, меѓудругото не дозволува користење на пристаништето во Солун и предизвикува економска и политичка криза во Република Македонија, а македонската економија трпела тешки последици.

Конечно, економската блокада е тргната со потпишувањето на Привремената спогодба помеѓу министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција во септември 1995 година, во Њујорк. Нацрт-привремениот договор е подготвен со посредство на специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, Сајрус Венс и неговите соработници, а подоцна поради успешноста на Привремената спогодба, таа го добива епитетот „бисер на дипломатијата‟. Спогодбата ја потпишуваат министрите за надворешни работи на двете страни-министерот на Република Грција, Карлос Папуљас, кој ја претставувал Првата страна и министерот на Република Македонија, Стево Црвенковски, кој ја претставува Втората страна. Собранието на РМ ја ратификува спогодбата на 9 септември 1995 година.

Оваа спогодба е со цел да ги нормализира односите меѓу двете спротивставени страни, но на инсистирање на Грција, а под притисок на меѓународната заедница, Република Македонија прави уставни измени кои се однесуваат на некои спорни точки, како што е симболот на Сонцето од Вергина. Mакедонската влада се согласува да се откаже од спорниот симбол на македонското државно знаме за кој Грција најсилно се спротивставува. Другите уставни измени требало да потенцираат дека Република Македонија нема територијални претензии кон Грција и дека нема да се меша во нејзините внатрешни работи.

Како еден преседан во постоењето на ОН претставува и негирањето од Грција на државното знаме на Република Македонија, заради што земјава го нема истакнато своето државно знаме пред седиштето на ОН во Њујорк сè до октомври 1995 година, односно сè додека не е усвоено новото државно знаме на Република Македонија.

Заради понатамошна имплементација на Привремената спогодба на 13 октомври 1995 година, се склучува Меморандум за практични мерки, а нешто подоцна се потпишани Меморандум за отворање канцеларии за врски во Скопје и Атина, како и различни Протоколи за визен режим, транспорт и врски и царински работи.

Веќе во 1996 година, се отвораат канцелариите за врски во Скопје и Атина.

Спорот со името навидум паѓа во втор план во годините што следат, бидејќи во Македонија ја тресат афери со пирамидалните штедилници, социјални немири поврзани со приватизацијата, а подоцна и ембаргото кон Србија.

Во 2005 година Македонија добива кандидатски статус за почеток на преговори со ЕУ, но пред и воопшто да започнат, Грција го блокира почетокот на преговорите.

Република Македонија во 2006 го прифаќа предлогот на медијаторот на ОН Метју Нимиц за двојна формула која предвидуваше името на земјата во официјалната комуникација да биде Република Македонија, со официјална транскрипција на Англиски јазик, додека Македонија и Грција би преговарале за заедничко прифатливо име кое ќе се користи во билатералната комуникација. Грција го одбива овој предлог.

Грчките опструкции на патот на Македонија кон евроатланската интеграција продолжуваат во април 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт. Грците го користат своето вето за да ја блокираат Македонија во нејзиниот обид да се приклучи на НАТО. И покрај категоричното залагање на неколку водечки земји за приемот на Македонија, а пред сè на САД, Грција не даде согласност за покана на Македонија, образложувајќи го тоа со лошите соседски односи поради нерешениот проблем со името Македонија.

Тогашниот грчки премиер Костас Караманлис и грчкиот министер за надворешни работи се заканија дека Грција нема да го одобри макеоднското членство во ЕУ се’ додека проблемот за името не се реши.

Тогашниот претседател на РМ, Бранко Црвенковски кој заедно со премиерот Никола Груевски во тоа време беа присутни на НАТО Самитот во Букурешт, во 2008 та изјави: „Последниот предлог на медијаторот на ОН Метју Нимиц, од наша страна, беше прифатен. Тоа што не заседаваше Парламентот за да ја потврди таквата одлука на извршната власт – за Нимиц, за НАТО, за САД и за останатите членки на Алијансата беше ирелевантно и на тоа се гледаше како на внатрешна процедура за потврда на таа одлука“ – Бранко Црвенковски – претседател на РМ, април 2

Токму грчкото вето за Македонија во Букурешт е главната причината во ноември 2008., земјава да покрене тужба против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. По неколку години судски процес, Македонија го доби случајот против Грција. Во својата пресуда, Судот во Хаг го прифати аргументот на Република Македонија дека со попречувањето на приемот во НАТО Грција директно го прекршила членот 11 од Времената спогодба, кој предвидува дека Грција нема да го попречува членството на Македонија во меѓународни организации.

Грција не успеа да докаже дека блокадата во Букурешт била одговор на македонската употреба на симболи во 2004 година. Судот утврди дека пред Самитот, Македонија не иницирала негативна кампања, односно според Судот, Македонија активно учествувала во преговорите за разликите околу името кои се водат под покровителство на ООН.

Односите помеѓу Скопје и Атина дополнително слабеат откако во Скопје во 2011 година на главниот плоштад е поставен споменикот кој претходната власт на Груевски го именуваше како „Воин на коњ“, но беше јасно дека го симболизира Александар Македонски. Официјална Атина ова го протолкува како обид да биде присвоен еден од нивните најголеми херои. Трн во око на Грците им беше и хелинистичкиот дел од проекетот на македонска влада наречен „Скопје 2014“, во кој беа поставени повеќе споменици кои грчките власти ги сметаа за провокација, што дополнително ги залади македонско-грчките односи.

Од овој период, се до изборот на Зоран Заев за премиер во јуни 2017 година, Македонија се соочува со индиректна меѓународна изолација, но и стагнација во преговорите и дијалогот со Грција под покровителство на ООН. Се чини дека пораките не беа или не сакаа да бидат сфатени се до доаѓањето на Заев и коалицијата на СДСМ на власт кога сегашниот премиер вети нов бран за изнаоѓање решение за спорот и обнова на стремежот за членство во ЕУ и во НАТО.

По најавениот оптимизам за преговорите под покровителство во ОН во јануари, оваа година, следуваше интензивирање на преговорите и посилна дипламатска офанзива.

Во меѓувреме, десетици илјади луѓе протестира во Солун истиот месец со став дека „Македонија е грчка и тоа не е за преговарање“.

Во знак на добра волја, како што и претходно најавува премиерот Заев, автопатот кој го носеше името Александар Македонски е преименуван во автопат „Пријателство“, а главниот аеродром во „Скопски Аеродром “.

На почетокот на февруари, годинава, Заев изјави дека Македонија ќе вклучува и географска одредница во идното име, а подоцна започнаа да се објавуваат предлозите на медијаторот Нимиц – Горна Македонија, Северна Македонија, Вардарска Македонија и Македонија – Скопје.

Владите на двете земји последниве неколку месеци почуваат да го подготвуваат теренот со одржување на лидерски средби преку редовни брифинзи и информирање за текот на преговорите на сите политички чинители. Македонската и грчката опозиција изразуваат незадоволство, а се жалат и на недоволна информираност.

Како што минуваат неделите се посилни се шпекулациите дека решение е на повидок.

Веќе на 12 јуни и официјално беше соопштено дека премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас по вториот службен телефонски разговор дошле до заедничко решение името на Република Македонија да биде Република Северна Македонија за севкупна употреба.  Согласно договореното, останатите прашања кои беа отворени, како идентитетот и јазикот остануваат недопрени.

Јана Јосифоска

Back To Top