skip to Main Content

Управниот судија Мустафа Шахини остана без имунитет, но не оди во притвор – одлучи Судски совет

Управниот судија Мустафа Шахини остана без имунитет, но не оди во притвор – одлучи Судски совет
  • 03.05.2019

Управниот судија Мустафа Шахини остана без судечкиот имунитет, за непречено да се води постапката за денационализација за кој е осомничен. Вака одлучи Судскиот совет, а членовите на највисокото судско тело сепак решиле Шахини да не оди во притвор. Судскиот совет расправаше откако управниот судија Шахини на распитот во кривичниот суд се повикал на судскиот имунитет кој го изгуби. Сега, тој ќе може да биде испрашан од судија на претходна постапка и од обвинител, но нема да оди зад решетки. Судијата Шахини е осомничен за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, бидејќи бил претседател на судечки совет кој решавал за денационализација на земјиште на крајбрежието на Охридското езеро во Струга, а претходно за истиот предмет бил адвокат на тужителите. Но и покрај тоа не побарал изземање од претседателот на Управниот суд. Паралелно, поднесената тужба била неуредна, а судијата Шахини не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, туку продолжил да работи на предметот. Според Обвинителството, донел правосилната пресуда со што противзаконски на двајцата тужители им овозможил државното земјиште да го приватизираат, а на државниот адвокат не му дал можност поднесе жалба.

„Воедно за недвижен имот со површина од 171 м2 што претставува јавно добро – крајбрежен појас и што не смее да биде вратенo во приватна сопственост, определил надомест во износ од 119.700,00 денари во вид на обврзници за денационализација. На барателите им било овозможено преку упис на вратената недвижност во јавните книги на недвижности во Агенцијата за катастар на недвижности, противправно да се стекнат со имотна корист – површина од 1958.49 м2 со усвоена пазарна вредност од 12.044.713,00 денари и противправна имотна корист во вид на обврзници во вредност од 119.700,00 денари, односно вкупна противправна имотна корист во износ од 12.164.413,00 денари на штета на имотот и интересите на Р.С.Македонија“, соопштија од обвинителството.

Не е првпат судскиот совет да одземе имунитет на судии. Ваква праска имаше и со судиите од предметот „Јустиција“, но и за Управните судии кои беа обвинети во предмет на Специјалното јавно обвинителство.


Игор Стефановски

Back To Top