skip to Main Content

Унгарската опозиција со отворено писмо бара екстрадиција на Груевски во Македонија

Унгарската опозиција со отворено писмо бара екстрадиција на Груевски во Македонија
  • 03.12.2018

Унгарската опозиција продолжува со жестоките критики кон Орбан за азилот на Груевски. Социјалистичката партија, Дијалог за Унгарија и Демократската коалиција, преку отворено писмо побараа Груевски да биде екстрадиран во Македонија. Според нив одлуката на унгарските власти позитивно да одговорат на барањето на осудениот поранешен македонски премиер е срамна одлука за земјата. Во писмото опозицијата вели дека неприфатлив е фактот што Унгарија и покрај издадената меѓународна потерница го заштити Груевски од правдата во Македонија. Воедно жестоко ги критикуваа и унгарските дипломати кои учествувале во бегството на Груевски од Македонија.

– Унгарската опозиција протестира поради фактот што унгарската влада не дозволи аферата на Груевски да се решава со Парламентот и со Комитетите за национална безбедност и одбрана и за спроведување на законот. Ние протестираме и го испраќаме нашето писмо до најважните меѓународни организации и амбасади, бидејќи ние немаме други средства да се потпираме на меѓународната јавност “, пишуваат трите лидери на опозицијата во Унгарија.

Во меѓувреме додека унгарскта јавност го критикува Орбан што со широко отворени раце го пречека Груевски, македонските власти чекаат одговор на барањето за екстрадиција. Последната информација која во јавноста ја сподели министерката Рената Дескоска говори дека унгарските институции се уште молчат на барањето на македонското министерство за правда.

– Ќе почекаме, доколку не добиеме одговор во предвидениот рок тогаш ќе пуштаме ургенција, тоа се страндардни процедури. Сакам да напоменам дека досега Унгарија не одбила да екстрадира ниту едно лице. Последната екстрадиција ја имавме сега во месец септември и немавме никаква забелешка ниту за состојбата во затворите, ниту за водењето на судски постапки, ниту пак дека постои некаков ризик во Република Македонија, изјави Дескоска.

Пред неколку денови европарламентарците усвоија два амандмани со кои побараа Унгарија да не го штити Груевски и да го екстрадира во Македонија каде ќе ја отслужу двегодишната затворска казна за „Тенк“ но и да му се суди за останатите судски процеси со кои е опфатен.

– Јас сум многу загрижен за случајот со Груевски. Ние апелираме до Унгарија да го повлече азилот и веднаш да го врати Груевски. Тоа што го стори Унгарија во овој случај е опасен преседан без било каква основа за азил. Никогаш во историјата на Европската унија земја членка никогаш не организирала таква операција и многу е важно да биде јасно дека Европскиот парламент нема да ги толерира ваквите постапки. Груевски мора да се соочи со правдата во неговата земја, вели Виктор Бостинару, европратеник од Романија.

Македонија и Унгарија имаат одлична соработка кога станува збор за екстрадицијата. Ваков заклучок може да се извлече од податоците до кои дојде 1ТВ, кои велат дека во последните 4 години, 15-ина македонски државјани сторители на кривични дела кои барале спас во Унгарија биле екстрадирани назад во Македонија. Последната екстрадиција од Унгарија во Македонија се случила на 7-ми септември годинава. Лицата кои до сега се испорачани во Македонија биле гонети за голем број кривични дела.

Антонио Крстевски

Back To Top