skip to Main Content

Трансакциите на пари и имотот во Чешка – причини за притворот на Мијалков

Трансакциите на пари и имотот во Чешка – причини за притворот на Мијалков
  • 21.11.2018

Имотот во Чешка на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков ја зголемува околноста тој да се даде во бегство, продавајќи го огромниот имот од Македонија, ова е наведено во решението со кое му е определен притворот на Мијалков, дознава 1ТВ. Неофицијално, наведен е и допис од Управата за финансиско разузнавање дека на две банкарски сметки кои биле блиски до Мијалков, имало околу 11 милиони евра. Екс директорот на УБК и бизнисменот Камчев, според дел од медиумите и покрај забраната за трансакции на сметките, сепак префрлале извесна сума на пари. Од кривичниот суд без детали за притворот на Мијалков.

„Судијата кој постапува по предметот по ценење на фактите и доказите опфатени со предлогот донесе решение со кое го прифати предлогот и определи мерка притвор во траење од 30 дена. Против ова решение странките имаат право на жалба до Апелациониот суд – Скопје во рок од 24 часа по приемот на решението“, соопштија од кривичниот суд.

Од вчера, во 19.55 часот, екс директорот на УБК Мијалков е во скопскиот истражен затвор „Шутка“. Според извори на 1ТВ тој е сместен во притворското одделение „Г“, каде што мерката притвор заедно ја извршуваат неколкумина. Има до пет кревети, а преостанатите легла се на земја на душек, во лоши услови. Четирите хашки соби во „Шутка“, биле претходно зафатени од други „станари“, а во едната од нив е сместен бизнисменот Јордан Камчев, кој, според изворите, се жалел на зголемен холесторол. Во затворот Мијалков беше однесен со цивилни возила и припадници на единицата „Алфа“, а во придружба беше и возило на специјалното обвинителство, откако во хотелот „Мериот“ беше уапесен и спроведен со лисици на рацете. Неофицијално, не давал отпор на полициската операција која траела десетина минути. Притворот на Мијалков му е определен поради опасност од бегство и се однесува за судскиот процес „Таргет – Тврдина“, за масовното прислушување и уништување на апаратите за следење на комуникациите. Екс шефот на тајната полиција утринава од „Шутка“ не беше спроведен во кривичен, поради институционалната неажурност. Отсуството на Мијалков го одложи судењето за 4 декември.

„Денеска го примивме решението за одредување на мерка притвор. Во текот на денешниот ден ќе поднесеме жалба. Одбраната смета дека без да се повика, да се сослуша обвинетиот за предлогот за одредување на мерка притвор дека е недозволиво да му се одреди мерка притвор. Законот за кривична постапка, точно наведува дека секое лице мора да биде повикано и сослушано и после неговата изјава да биде одредена мерка притвор, доколку постојат услови“, изјави адвокатот Антонио Апостолски.

Извори и очевидци за 1ТВ тврдат дека вечерта во гаражата на скопскиот хотел се паркирале неколку автомобили со странски регистарски таблички. Едно возило неофицијално доаѓало од унгарската амбасада во Белград.

На поранешниот директор на УБК, Мијалков му се суди во четири судски процеси, „Таргет Тврдина“, „Титаник 2“, „Тортура“ и „Трезор“. На товар му се ставаат кривичните дела „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Мачење, нечовечко или понижувачко постапување“. Поранешниот шеф на тајната полиција важеше за недопирлив човек.

Игор Стефановски

Back To Top