skip to Main Content

Тема во „Печат на неделата“: Депресијата, водечка ментална болест на модерното време – да се лекува или игнорира?

Тема во „Печат на неделата“: Депресијата, водечка ментална болест на модерното време – да се лекува или игнорира?
  • 10.04.2019

Гости во емисијата „Печат на неделата“ со Сашо Ордановски беа психијатрите Димитар Боневски и Мице Дудучки и психологот Мирјана Јовановска-Стојановска кои зборуваа на тема: Депресијата, водечка ментална болест на модерното време – дали да се лекува или игнорира?

Тивката епидемија зема се поголем замав. За само неколку дена два случаи на самоубиство ја потресоа јавноста и затоа е неопходно јавно да се зборува за депресијата, да се препознаат симптомите, како и начините на инфомирање за техниките и третманите на лекување.

Според Боневски и Дудучки се работи за болест на која влијаат повеќе фактори и која навреме треба да се дијагностицира.

„Кога зборуваме за депресија, се работи за болест која навреме треба да се дијагностицира. Депресијата има своја еволуција, свој тек. Веројатно проблемот се појавува од тоа што често се сфаќаат некои состојби како нормална реакција“, рече Боневски.

„Генетските фактори се битни, но битни се и факторите кои влијаат на околината. Ендоктринолошките и генетските фактори и факторите од околината влијаат на депресијата“, кажа Дудучки.

Се зголемува бројот на пациенти кои патат од депресија, а има и зголемување на бројот на пациенти.

„Бројот на луѓето кои се јавуваат кај психолози или психијатри расте. Проблемот е во тоа што бројот на луѓето кои доаѓаат е мал во однос на луѓето кои страдаат“, рече Боневски кој смета дека луѓето чувствуваат притисок или се чувствуваат етикетирано доколку побараат стручна помош.

„Еден од проблемите кај младата популација е што може не ја гледаат депресијата која е доминантен фактор. Кај децата често се гледа само како анксиозност, а во суштина се работи за депресивна состојба. Во тие фази многу потешко се дијагностицира, додека кај повозрасните примерите се покласични“, објасни Боневски.

„Доаѓаат луѓе со секакви симптоми. Работата е во тоа што ние како психолози мора да одредиме кои се за кај нас и кои да ги препратиме понатаму на лекување со психијатри со потполн третман. За среќа повеќето луѓе кои имаат проблеми одат на психијатар за да можат да се лекуваат адекватно“, рече Јовановска-Стојановска.

Според Дудучки потребно е време за лекување на депресијата, односно нема брзи решенија.

„Депресијата не е моментална состојба на духот, туку е еден подолг период на намалување на чувство на недостаток на недоверба, неефикасност, бесперспективност. Ако зборуваме дека депресијата како болест која трае подолго време нема брзи решенија и лековите треба и мора ги користат. Нашата вербална интервенција и поддршка има плацебо ефект. Лекарствата придонесуваат пациентот да е рецептивен за нашите ставови и методи во праксата, а од друга страна хемијата дава да се постигне баланс“.

Гостинка во емисијата беше Стефанија Граовац, која го раскажа својот случај на хронична депресија и начинот на борба и справување со неа.

Целиот разговор погледнете го во видеото.

Back To Top