skip to Main Content

Судири на протестот на албанската опозиција (Фото и видео)

Судири на протестот на албанската опозиција (Фото и видео)
  • 26.05.2018

Единаесет полицајци и еден новинар се повредени на протестот на албанската опозиција, која бара оставка на премиерот Еди Рама и на министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај.

Опозиционерите обвинуваат Рама дозволил криминалот и корупцијата да ја опустошат земјата, а Џафај, според нив, е вмешан во шверцот на дрога.

Новинар близок до опозициската Демократска партија исто така беше повреден во главата пред зградата на Министерството за внатрешни работи, пишува Франс Прес, кој се повикува на нивниот дописник од Тирана, очевидец на насилството.

На протестите во Тирана излегоа повеќе илјади луѓе кои фрлаа јајца и камења врз Министерството, а полициски кордон ги спречи да влезат во зградата.

Опозицијата трвди дека министерот Џафај го штити својот брат Агрон, осуден во отстуство во 2012 година во Италија на 7 години затвор поради шверц на дрога и дека братот на министерот и понатаму продолжува со нелегални активности. Опозицијата објави снимка на која се слуша дека човек, за кој тврдат дека е Агрон, разговара со шверцери.

Обвинителството отвори истрага а снимката е пратена во Италија на вештачење. Министерот вели дека ќе даде оставка доколку се утврди дека гласот на снимката е на неговиот брат.

Лидерот на опозицијата Љуљзим Баша го обвини премиерот дека работи во договор со актери од организираниот криминал и дека ја турнал земјата во сиромаштија.

Во 2017 година Социјалистичката партија на Еди Рама победи на изборите и го почна вториот мандат на чело на Албанија. Земјата е членка на НАТО и се надева дека годинава ќе отвори преговори за членство со ЕУ.

 

Back To Top