skip to Main Content

Субвенции за земјоделците, корист или штета – тема во Студио 1

Субвенции за земјоделците, корист или штета – тема во Студио 1
  • 12.03.2019

Со најмалку 500-600 милиони евра во изминатите 10 години било субвенционирано македонското земјоделство, што го поставува прашањето дали и на кој начин се исплателе овие суми. За годинава од буџетот се предвидени над 120 милиони евра, што е практично еден од најголемите финансиски фондови, блиску до капиталната вредност на Македонската банка за обнова и развој. На оваа тема, во Студио 1 и со отворени линии за гледачите, уредникот Александар Чомовски разговара со Никола Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.

-Сѐ уште постои јазот меѓу увозот и извозот, но не смееме да заборавиме и одредени правила кои се однесуваат на Светската трговска организација, каде што нашата држава е членка. Не можеме да поставиме бариера или рампа на увозот, но токму преку субвенционирањето се трудиме полека македонското земјоделство да го тргнеме од поранешната зачмаеност кога, како што знаеме, два дена пред избори се исплаќаа и 40 милиони евра, вели Бабовски.

Како што додава, во програмата за рурален развој од лани една од главните измени е поддршката за подобрување на животот во руралните средини. Една од мерките кои носат подобар живот и инвестиции во овие средини е „млад земјоделец“ за која годинава поддршката е зголемена два пати, од 10 на 20 илјади евра. Со мерките за општините, пак, е предвидено урбано уредување на селските средини, поврзување со патишта, одреден културен живот…

-Веќе ја имаме добиено националната акредитација за мерката „рурална јавна инфраструктура“, која како уште три други мерки ќе биде финансирана од ЕУ. Очекуваме во наредниот период општините, токму за да ја подобрат оваа инфраструктура, условите за живеење, преку оваа мерка да искористат европски пари и тоа ќе биде единствена мерка во рамките на ИПАРД програмата каде што повратот на инвестициите ќе изнесува 100%, вели Бабовски.

Тој додава дека за разлика од порано, зголемен е бројот склучени договори за искористување на европските фондови.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top