skip to Main Content

Студио 1 тема: Дипломатски протокол, етикеција и коресподенција

Студио 1 тема: Дипломатски протокол, етикеција и коресподенција
  • 27.06.2019

Гостин во Отворено Студио 1 беше амбасадорот на Република Северна Македонија во Албанија, Данчо Марковски кој денеска ја промовираше книгата „Дипломатски протокол, етикеција и кореспонденција“.

Оваа обемна публикација е единствена од ваков вид на македонски јазик. Книгата содржи историски и теоретски, како и практичен дел, со повеќе од 50 примери на дипломатска кореспонденција, глосар на дипломатски термини и други прилози. На едно место и прегледно, со практични примери, овој прирачник ги објаснува најзначајните функции и алатки на државниот протокол како неопходна димензија во професионалната работа на владините министерства и органи, како и на сите други државни служби, локални институции и организации.

– Како се подготвуваат и организираат работни средби, посети, прием или други настани со странски и домашни партнерски институции?

– Кои права, обврски и имунитети ги имаат официјалните претставници?

– Како да се избегнат гафови во пресеансот и церемонијалот?

– Каква етикеција и терминологија се користи во меѓусебното обраќање?

– Како треба да изгледаат различните видови кореспонденција – писма, ноти, покани, меморандуми или лични обраќања?

– Каков бонтон се применува во различни контексти?

Одговор на овие и на многу други прашања со кои неизбежно се соочуваат сите професионални службеници од државните институции и организации е даден во книгата на амбасадорот Марковски. Прирачникот е неопходен токму заради избегнување на грешки што можат да го нарушат имиџот на институција и на државата,како и соработката со други странски и домашни партнери. Ова е прв систематизиран пресек на стандардизиран државен протокол за нашата земја.

За пораките кои се испраќаат преку книгата, за подвизите и падовите на македонската дипломатија низ годините, за амбасадорувањето во Албанија, каде периодов е размрдана целата власт и во земјата владее несигурност, како и за тоа каква рефлексија би можеле да имаат евентуални немири или нестабилност таму врз Македонија, погледнете во видеото од Отвореното Студио 1.

Back To Top