skip to Main Content

Студио 1 тема: Високото образование како клучна алка за развој на државата

Студио 1 тема: Високото образование како клучна алка за развој на државата
  • 25.06.2019

Студирање или бубање, кадри за дома или за во странство – високото образование е и натаму со старите болки, законот е донесен пред точно една година, но ништо од почетокот на неговата примена. Но најмногу боли тоа што по подолго време, домашните компании и големите корпорации сфаќаат дека ќе останеме без кадри и одеднаш се заинтересирани за целосна промена на филозофијата во образованието. На оваа тема во отвореното Студио 1 зборуваа ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Сашо Коруновски и Атанас Кочов од Машинскиот факултет.

-Ние подготвуваме кадри за самите нив, односно тој што дошол да студира, дошол да бара знаење. Каде ќе го однесе реалноста, дали сме спремни квалитетниот производ, добриот студент да го препознае и да го ангажира нашата заедница или ќе го пуштиме надвор каде што ќе го препознаат други, тоа е друга работа. Нашиот фокус се студентите и тука мораме да се организираме добро за да добиеме студент којшто е спремен да се вклучи во реалноста, вели Коруновски и додава дека не можеме да подготвиме студент за после 20 години, туку мора да го подготвиме за промени.

Според него, концептот е постојано образование и обука, затоа што сите треба да учиме цел живот.

-Процесот на дообразување на наставниот кадар на универзитетите можеби кочи во однос на севкупниот развој на технологијата, кога зборуваме за условите во РМ. Тоа е бидејќи вложувањата во високото образование, во науката и истражувањата, се минимални или никакви во последниве две до три децении. Немаме закон за научно-истражувачка работа, немаме дефиниран начин на финансирање на високото образование. Кадарот кој е во рамките на универзитетите мора да биде подготвен преку наука и истражување за сите новини и технологии кои доаѓаат. Ако тоа потрае уште малку, ќе дојдеме до уште понеквалитетно образование, неподготвен кадар соочен со предизвиците на новите технологии, предупредува Кочов.

Како што објаснува, процесите се врзани и решавањето на проблемот во образовниот систем, посебно во високото образование, мора да биде следено со измени во начинот на финансирање на високото образование и отворање на портите за наука и истражување, во државата и надвор, за да бидеме поконкурентни.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top