Граѓаните што купиле електричен тротинет од 1 јануари годинава ќе можат да аплицираат на повикот на Град Скопје за надоместување на 30% од неговата вредност, односно да повратат до 7.000 денари по набавен тротинет. Градските власти денеска распишаа два јавни повици за субвенции за електрични тротинети и велосипеди, кои ќе траат до 30 ноември или до исцрпување на планираните буџетски средства. Доделувањето на субвенциите ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

На вториот по ред повик за субвенции за велосипеди ќе можат да поднесат барање сите оние граѓани што купиле вакво превозно средство во периодот од 27 мај сè до исцрпувањето на буџетот за оваа намена. „Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход“, информираат градските власти. На првиот јавен повик што беше организиран пролетва до Градот Скопје пристигнале 3.472 барања за субвенции за велосипеди.

И на двата јавни повика може да учествуваат единствено жители на скопските општини, кои покрај барањето за субвенции, до архивата на Град Скопје ќе треба да достават фискална сметка, изјава дека не користеле субвенција претходно за набавка на велосипед/електричен тротинет од Град Скопје, фотокопија од трансакциска сметка и фотокопија од лична карта.

За тоа што ќе донесе оваа мерка на властите во Отворено Студио 1 говореа Ваљон Салиу, порпарол на град Скопје и Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

-Електричните тротинети се тренд којшто расте, не само кај нас. Врз основа на тоа, веќе почнавме да субвенционираме ваков тип на транспорт и како што знаете, Град Скопје е фокусиран на тоа да се дефокусираме од колите и да направиме нешто што ќе го поттикне другиот вид на транспорт, во случајов тротинетите. Лани првпат пуштивме јавен повик за субвенции, имаше доста интерес, но годинава уште повеќе нѐ изненади фактот дека за неполн ден ипол имавме околу 200 апликации за електрични тротинети, колку што беше целата субвенција, рече Салиу.

-Факт е дека сѐ повеќе се употребува ова средство и ние како Министерство за внатрешни работи мораме да реагираме за да го регулираме неговото учество во сообраќајот. Не е само кај нас, туку во цела Европа е позачестена употребата и се бара начин како тоа да се регулира. Во најголем дел од земјите идејата е да се регулира на начин да се третира како велосипед, но сѐ уште постои таа дебата. Во МВР е формирана работна група која работи на измени на законот со кои ќе се опфати и ова превозно средство и ќе се стави во правна рамка, објасни Ангеловски и додаде дека иако тротинетот е најблизок до велосипед, во некои европски земји постои незадоволство меѓу велосипедистите дека им ја зазема патеката.

Разговорот погледнете го видеото: