skip to Main Content

Стотина уметници против промени во МКЦ, Бени Шакири би застанал на чело на Центарот

Стотина уметници против промени во МКЦ, Бени Шакири би застанал на чело на Центарот
  • 20.06.2019

Иако не е под ингеренции на извршната власт и официјално не е дел од најавената премиерска метла која се очекува да биде спроведена во рамки на институциите, лавина реакции предизвика денес објавеното отворено писмо на над 100 професионалци од сферата на уметноста до премиерот Заев, кои предупредуваат дека не се потребни промени во Младинскиот културен центар.

Писатели, музичари, режисери, актери и други дејци, од Заев бараат да се остави на страна популарно познатиот МКЦ.

„Максимално ја поддржуваме потребата за прочистување и подигање на квалитетот на кадарот по државните и локални институции, кои очигледно се на мета на вашата популарно наречена „метла” и веруваме дека тоа го правите со желба за суштинско подобрување на ситуацијата во повеќето од нив. Но, во овој случај чувствуваме граѓанска одговорност да Ви укажеме на сериозните негативни последици по кревкото битие на живата, автентична независна култура, до кои секако ќе дојде доколку го нарушите континуитетнот на работа на Младинскиот културен центар во Скопје“, се вели во писмото.

Од потписниците на писмото, се упатува конкретна поддршка за актуелниот ВД директор на МКЦ, Русе Арсов.

Од Владата посочуваат дека се свесни за реакциите, но дека МКЦ не е под надлежност на Премиерот:

„МКЦ е во надлежност на Град Скопје, а Владата нема ингеренции за поставување директор на оваа институција. Владата поддржува и се залага за квалитет и интегритет на  раководните кадри на институциите“.

Од град Скопје пак, велат дека засега пристигнати се 2 апликации на отворениот конкурс за постојан директор и дека процедурата е се уште во тек:

„Процедурата за избор на директор на МКЦ  е сеуште во тек. Во предвидениот рок на конкурсот се пристигнати две пријави, чие разгледување беше одложено поради изборниот процес…Откако ќе бидат разгледани согласно конкурсните услови – сите кандидати што исполнуваат услови ќе бидат предложени до Градоначалникот, кој треба да донесе одлука за избор во рок од 15 дена“.

На социјалните мрежи најмногу коментари предизвика апликацијата на пејачот од рок групата „Нон Стоп“, Бени Шакири за раководител на МКЦ, а во телефонски разговор за 1ТВ, потенцира дека не ја коментира слободата на мислење на уметниците.

„Не е тајна дека сум конкурирал. Тоа е отворен конкурс по кој комисија решава дали некој ги исполнува условите или не. Реакциите не ги коментирам бидејќи и порано а и кога се борев против груевизмот, јас се залагав за слобода на говор и за слобода на мислење. И се уште се залагам за тоа и немам коментар на реакциите…дали исполнувам услови, ќе решава комисија“, вели Шакири.

Пријавите на двајцата конкуренти за директор на Младинскиот културен центар, според агендата на мешовитата комисија составена од град Скопје и МКЦ, се очекува да бидат разгледани до крајот на оваа работна недела.

В. Чаловски

Back To Top