skip to Main Content

Со пишаниот збор ги освојува детските срца – разговор со Трајче Кацаров

Со пишаниот збор ги освојува детските срца – разговор со Трајче Кацаров
  • 21.06.2019

Писателот Трајче Кацаров пишува за сите возрасни групи, но е најпрепознатлив по детската литература. За неговото последно дело „Како станав Амадеус“, дозата на хумор во неговите книги и употребата на архаизмите Кацаров зборуваше во Отвореното Студио 1 со Јана Јосифоска.

-Секогаш кога сакаат да напишат нешто за мене до името Кацаров ќе додадат дека сум писател и за деца и за возрасни и навистина сум.  Во книгата „Како станав Амадеус“ станува збор за еден период во животот на мажите кои на времето биле воени обврзници во време на поранешниот систем, се зборува за еден однос меѓу тогашните наши републики, рече Кацаров.

Вели дека се труди секогаш да биде духовит во своите дела.

-Сѐ што сум напишал досега било низ една хумористичка сатирична призма и нуту едно мое напишано дело не е без хумор. И овие дела во литературата за деца се трудам да бидам што подуховит за децата да можат на полесен начин да навлезат во животот на главните јунаци, истакна Кацаров.

Кацаров смета дека во книжевноста треба повеќе да се користат архаизми и дијалектни зборови, наспроти интернационализмите. Вели дека дијалектите се нашиот извор на зборови.

-Вчера се обидував да најдам некој архаичен збор, па се јавував дури во Истанбул кај еден мој пријател да дознаам да не е тоа турцизам. Архаичните зборови се богатство во нашиот јазик.  Ние со новата генерација како да застанавме тука и да не се повикуваме на тоа што ни го оставија предците. Некогаш ќе најдам збор што го употребува Блаже Коневски и токму тој ќе го употребам, рече Кацаров.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top