skip to Main Content

Собраниски пуч: се откриваат ли инспираторите и организаторите – анализа во Студио 1

Собраниски пуч: се откриваат ли инспираторите и организаторите – анализа во Студио 1
  • 06.12.2018

Пресвртот и распадот на системот во сведочењата на обвинетите за упадот во Собранието на 27 април, особено на припадниците на поранешните партиски структури во УБК ја посочуваат Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ како команден центар за организирање на црниот четврток, како сценарио шефот на државата да ги преземе овластувањата за воена или вонредна состојба.

Ова предизвика во ист ден да се огласат Генералштабот на АРМ и Кабинетот на претседателот Иванов, со демант на информациите од нивните криминално-партиски структури кои го вперија прстот во врвот на претходната власт, не исклучувајќи и можна вмешаност на шефот на државата и посочија дека значаен дел од воената структура има и партиски еполети.

За оваа коинциденција, разузнавачот Владимир Пивоваров коментира дека за сега прашањето може да го анализира само хипотетички бидејќи истрагата е сѐ уште во тек, но симптоматично е што демантот на прозваните е неаргументиран.

-Доколку Генералштабот и Началникот на Генералштабот сакаа да ги проверат ваквите наоди имаа година и пол до сега и можеа да ги проверат. Тоа што се зборува во јавноста, како што е допрен глас до обвинителот, можеше да биде и допрен глас за Генералштабот за да ги провери наводите. Но и ако направите анализа на тие што го соопштуваат ова, на која функција биле на 27 април, многу работи ќе ви бидат појасни. Она што велите дека постои врска меѓу претседателот и Генералштабот е нормална, уставна категорија, тој е врховен командант, но никој не објасни многу елементи, меѓу кои и подготвувањето на вилата во Јасен за командно-штабните личности од државниот врв во моментите пред да се случи. Тогаш дознавме од новинарите, имаше многу дебати, зошто се подготвува баш сега, вели Пивоваров.

Во врска со информациите дека џиповите со кои располагаат специјалните воени единици биле брзо ставени во оперативна состојба, Пивоваров вели дека од разговори со вработени во објектите, за многу кратко време сите биле ставени во функција и треба да се проверат писмените докази за тоа кои биле во нивните посади.

-Погрешна беше информацијата дека воената полиција е на готовс. Ако беше прогласена воена состојба, специјалните сили, Волците, би биле тие кои би ја извршиле наредбата за апсење на политичкиот врв на СДСМ. Но притисокот од странците и неостварените желби за можни меѓуетнички или меѓупартиски судири, како што беше планирано, не даде основа претседателот Иванов да прогласи воена состојба, што впрочем го слушаме и во изјавите на лицата кои сега даваат исказ во судската постапка, објаснува Пивоваров.

Според поранешниот врховен судија Дане Илиев, демантите, од кривично-правен аспект се неважечки.

-Исказите за кои сега коментираме се дадени во официјална кривична постапка, и тоа во главата на доказна постапка. Прв доказ е исказот на обвинетиот. За да може тој да се користи, треба да му бидат дадени сите поуки по законот, дали ќе се брани сам или со адвокат. Од тој исказ може да се вадат делови кои подоцна може да бидат и доказ и не се безвредни, и иако врз основа на нив не може да се донесе осудувачка пресуда, на нив може да се засноваат докази за потврдување на фактите значајни за квалификација на кривичното дело, објаснува тој и додава дека доколку посочуваат на Ѓорѓе Иванов, никој не е над законот, дури ни претседателот на државата.

Целиот разговор со Владимир Пивоваров, проф, Златко Димовски и поранешниот врховен судија Дане Илиев погледнете го во видеото.

Back To Top