skip to Main Content

Случајот „Маѓар Телеком“ – тема во „Правда и неправда“

Случајот „Маѓар Телеком“ – тема во „Правда и неправда“
  • 26.03.2019

Тема на вечерашната емисија „Правда и неправда“ е Македонскиот телеком или колку државата се грижи за својот удел во оваа компанија. Предмет на наш интерес се и последните случувања врзани со судскиот процес за Маѓар Телеком, кој по неколку години заборавеност, се врати во фокусот на јавноста, кога предметот во 2017 го презеде СЈО. Тоа, во незаконски прислушкуваните материјали откри фајлови кои се однесуваат и на ова прашање.

Македонскиот телеком или „златната кокошка“, беше продаден во 2001, во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога премиер беше Љупчо Георгиевски, а министер за финансии Никола Груевски. Германскиот Дојче Телеком тогаш купи 51% од компанијата, за кој инкасираше 317 милиони евра. Неколку години подоцна, компанијата се најде во средиштето на афера со поткуп на државни функционери за која се дозна откако американската Комисија за хартии од вредност поднесе тужба во која наведе дека Маѓар Телеком од 2005 до 2006 поткупил македонски и црногорски политички функционери кои имале задача да го спречат и да го одложат влегувањето на трет мобилен оператор. Дојче Телеком тогаш плати голема отштета за да не дојде до судски спор.

На оваа тема, уредничката Гордана Дувњак разговара со Симо Груевски, малцински акционер во Македонски телеком и поранешен член на бордот на директори, кој ги следи случувањата во компанијата речиси 15 години, а јавноста го запозна како прв неформален дојавувач, што го чинеше губење на работното место по 35 години работен стаж, 5 години пред пензионирањето. Неговата судска голгота трае повеќе од 10 години и сѐ уште нема морална и материјална сатисфакција.

-Американската компанија која беше пратена да истражува за злоупотреби во телекомот, по 2-3 години направи финален извештај, кој го имам кај мене. Тој беше доставен до бордот во Телеком, а преку него дојде до акционерското собрание, кое го верификуваше во склоп на годишниот извештај за 2009 година. Во една реченица вели: „Во периодот меѓу 2000 и 2006 година, група поранешни членови на извршниот менаџмент на Маѓар Телеком и македонската подружница одобриле издатоци од речиси 14 милиони евра, преку повеќе од 20 сомнителни договори за консултантски услуги, лобирање и други договори, вклучувајќи и консултантска компанија со седиште во Кипар“. Со тоа е веќе сѐ кажано, вели Груевски.

Тој опишува случај дека додека бил во бордот, во периодот 2002-2004, бил распишан тендер за набавка на опрема за кол центарот во вредност од околу 2 милиони евра. Се јавиле светски компании, но и Маѓар телеком, кој го распишал огласот, а немал никаква допирна точка со таква опрема и го добил тендерот.

-Фирмата сама на себе си го дава тендерот, рече Груевски.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top