skip to Main Content

Славјани, сојуз со Русија е сојуз со Бог и вечен живот – реагираше Русинот Родионов по сторијата на 1ТВ

Славјани, сојуз со Русија е сојуз со Бог и вечен живот – реагираше Русинот Родионов по сторијата на 1ТВ
  • 07.11.2018

Со низа навреди кон медиумот, погрдни зборови за менаџментот и неосновани обвинувања за сомнително финансирање – вака реагираше рускиот милитант, Андреј Родионов, кој како што објавивме, честопати престојува во земјава, заговарајќи словенско единство под руско крило, а учествувал и на нелегалните пагански обреди на Водно.
Тој на својот Фејсбук профил, од каде можат да се дознаат најмногу информации за него, ја споделил сторијата на 1ТВ со забелешка:

„Телевизијата финансирана од СОРОС, за мене и нашето руско- словенско движење, објави лажен, провокативен филм, кој ја дискредитира вистината, за да не дискредитира во очите на македонскиот народ. Сепак Македонците знаат да ја разликуваат лагата од вистината, ме познаваат мене и нашето движење. И овој црн пи- ар е пи- ар преку кој Македонците научија за нас, а веќе многумина и ме контактираа. Штом непријателот сака да ги оцрни нашите дела, знаеме дека сме на вистинскиот пат. Славјани, не заборавајте, сојузот со Русија и нејзиниот народ е сојуз со Бог и вечен живот“ – напишал тој во објавата и споделил насоки до личниот профил на сопственикот на 1ТВ.

Но одговор на прашањата кои ги испративме лично до него и здружението РУСОВ, се уште нема. Не одговорија ниту дипломатските претставништва на Русија во земјава. Дали се запознаени со активностите на Родионов во Македонија – се уште чекаме одговор од МВР.
Последниот негов престој во Скопје е регистриран минатиот месец, кога се фотографирал со тотемите на Водно, а се сретнал и со лица познати за јавноста. Меѓу нив и Стефан Влахов Мицов – контроверзниот универзитетски професор, кој беше исклучен од партијата на Бачев од неколку причини, меѓу кои заговорот за формирање партиска паравојска.

„Влахов Мицов бараше Извршниот комитет да донесе одлука за формирање на воено крило во партијата, иако знаеше што се е потребно за такво нешто, но инсистираше барем да имаме одлука и сега станува јасно дека доколку имавме таква формална одлука тајната полиција ќе имаше законска основа да го уапси целото раководство на Единствена Македонија“ – соопшти тогаш партијата (06/10/2018)

Родионов на Водно учествувал и во нео- пагански обреди пред тотеми на словенски богови. Двајца верници во комуникација со 1ТВ си дадоа заслуга за нивната изработка и ги објаснија своите верувања. Признаа и дека честопати ваквите движења се злоупотребени во полза на т.н. руско влијание. Сепак, таквите обреди се нелегални бидејќи ги спроведува верска или религиозна заедница која не е регистрирана во земајва.

Родоверството, како нео- паганско верување, организирано делува во Русија, Полска, Украина и Бугарија, а неговите корени според одредени истражувања водат до советските власти, кои во 50-те години од минатиот век финансирале обновување на славјанската култура како дел од анти- религиозната кампања. Дека делувањето на овие здруженија е општествено- политичко, а не религиозно, потврдува и самиот Родионов, кој освен во Македонија, слични активности спроведува и во соседна Србија.

Христијан Баневски

Back To Top