skip to Main Content

Скандал: Снимани сите телефонски разговори – два хард диска пронајдени во зградата на обвинителството

Скандал: Снимани сите телефонски разговори – два хард диска пронајдени во зградата на обвинителството
  • 30.11.2018

Два хард диска со снимени телефонски разговори од фиксната линија пронајдени во зградата на Основното јавно обвинителство. На двата хард диска има разговори од 20 септември 2016 до денес. Оваа информација ја обелодени првиот обвинител Љубомир Јовески на брифинг со новинарите, но бидејќи станува збор за предистражна постапка, не можеше да даде одговор на прашањето кој би можел да снима и дали воопшто некој ги слушал снимените разговори. Обвинителството истражува кој имал пристап до опремата и дали некој однадвор имал контакт кој би можел да управува со опремата сместена во една просторија на обвинителството. Јовески рече и дека се истражува дали целокупната телефонска комуникација се снимала и пред 2016, дали можеби некој изнел снимени разговори или пак хард дисковите се бришеле откако ќе се преполнат. Ќе се чешла и тендерската документација за набавка на опремата.

„Ќе се утврдуваат сите аспекти од настанот, вклучувајќи проверка на тендерската документација за набавка на опремата, овластувањата за нејзино користење, како и дали, во колкав обем и за кои цели е вршена употреба на снимените податоци“, велат од обвинителството.

Хард дисковите биле откриени во посебна просторија каде се чувала и телефонската опрема. Јовески не даде одговор дали се сомнева на државни структури или на својот претходник. Телекомуникациските уреди ќе се истражат и во обвинителството за организиран криминал и корупција и во судовите. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски рече дека министерството за внатрешни работи целосно е вклучено во предистражната постапка за снимените разговори од фиксните телефони на обвинителите.

Откривањето на оваа опрема би можело и да довде до информацијата дали некој одвнатре кој ги слушал разговорите на обвинителите, однапред предвидувал одредени постапки и ги известувал лицата осомничени или обвинети за криминал.

Кристина Атовска

Back To Top