skip to Main Content

Русковска во „Правда и неправда“: Немаше потреба Груевски да биде сведок за „27 април“

Русковска во „Правда и неправда“: Немаше потреба Груевски да биде сведок за „27 април“
  • 27.11.2018

Обвинителката на ОЈО за организиран криминал и корупција Вилма Русковска вели дека е задоволна од досегашниот тек на судењето за „27 април“ и дека целиот процес е транспарентен, освен сведочењето на заштитениот сведок.

-Има одредба во законот за кривична постапка дека ако судот оцени дека може да се открие идентитетот или да биде загрозен животот на сведокот, тогаш може да одлучи да ја исклучи јавноста, вели Русковска.

За сомневањата на правниците откако судот реши да ја заштити и изјавата на заштитениот сведок, обвинителката вели дека тоа го дозволува законот.

-Судот оценил дека треба да биде исклучена јавноста при сослушувањето на заштитениот сведок, а неговата изјава, ако биде пресудата осудителна, ќе биде дел од изјавата цитирана во пресудата, вели Русковска и објаснува дека изјавата веќе ја цитирал новинар, а ја добил од еден од адвокатите, што е апсолутно недозволиво.

-Тој исказ се уште не беше даден пред судот. Судот се уште ги нема изјавите на сведоците. Не му се доставуваат на Судечкиот совет. Не е дозволено јавноста да ја прочита или да ја слушне изјавата на кој било сведок пред тој да го даде својот исказ на јавна расправа.

Таа очекува дека сите докази изведени од судот одат во насока на нејзините воведни зборови дека 31 лице учествувало, а двајца биле помагачи во уривањето на уставниот поредок и не очекува преквалификување на некое дело.

-Ќе оставам простор да ги слушнеме доказите на одбраната до крај, вели Русковска.

Според неа, немало потреба и екс премиерот Никола Груевски да биде повикан за сведок во случајот, и покрај неговото политичко однесување до тогаш.

-Во овој дел, до сега, немав потреба да го викнам. За натаму ќе видиме, изјави обвинителката.

За вештачењето на телефонот на претходниот прв спикер на Парламентот Трајко Вељановски вели дека неговата улога во настанот и е позната на јавноста преку новинарите, но тој сега за сега не е меѓу обвинетите.

Таа се надева дека ќе има ново обвинение за организаторите на упадот во Собранието.

Back To Top