skip to Main Content

Ристовски: Велигденските празници будат радост затоа што се победа над смртта

Ристовски: Велигденските празници будат радост затоа што се победа над смртта
  • 28.04.2019

Пред црквата Св. Петка, екипата на 1ТВ разговараше за најголемиот христијански празник со актерот и директор на Театар Комедија, Сашо Ристовски, кој рече дека деновите пред воскресението се тажни, но Велигден кај него буди радост, затоа што Господ Исус Христос смртта со смрт ја победил и воскреснал.

Како што вели, општеството наместо радост, го има зафатено летаргија, но затоа се тука луѓето од јавниот живот и актерите, особено од Театар Комедија, затоа што цел им е да ги насмеат луѓето и да ги растоварат барем накусо од проблемите.

Тој, како што вели, не знае да вапца јајца, но радост му носи кога неговата мајка ги бои рано наутро, во црвена и во жолта боја.

-Се радувам на црвени јајца, на ноќта спроти Велигден, на кршењето со јајца. Се сеќавам, една анегдота, обично одевме на село кај баба ми кога бев мал. Кога ќе се пробудевме наутро со братучетките, под перницата имавме јајце. Сакав да видам кој го става тоа јајце и не спиев, но заспав и повторно не успеав да видам. Тоа било некој адет, секое детенце се буди утрото со јајце под перница, раскажува тој.

Велигденските празници ги поминува или дома или во село Теово, каде што се неговите родители, а понекогаш и во Охрид, но до сега не му се исполнила желбата да го дочека Велигден во Ерусалим, па се надева за наредната година.

Back To Top