skip to Main Content

Ристевска-Јорданова во Централниот дневник на 1ТВ: Македонија нема голем спонзор во интегративната приказна

Ристевска-Јорданова во Централниот дневник на 1ТВ: Македонија нема голем спонзор во интегративната приказна
  • 05.06.2019

Во Централниот дневник на 1ТВ гостинка беше Малинка Ристевска-Јорданова, директорка на Институтот за европска политика, експерт за европски интеграции, ангажирана и во интегративните процеси на Србија и на Албанија. Како што вели, мора да се бараат нови наративи и балканските аспиранти да престанат со вечното падни-стани и плачење за процесот.

-Работата е 50%:50%. За јуни не може да се стигне поради германскиот Бундестаг, но тоа е пак сигнал, Бундестагот ги планира работите малку понавреме. Да имаше реално голема политичка волја, мислам дека тоа ќе се средеше, немаше да остане на технички проблем. Во преден план доаѓа одолговлекувањето поради Германија, но сѐ уште е неизвесна Франција, вели таа.

Според неа, ако го анализираме каков е ставот на Германија во изминатиот период во однос на проширувањето во регионов, ќе видиме дека постојано еволуира. Германија беше спонзор на Хрватска, којашто влезе во ЕУ и сега има друга стратегија кон Балканот, дека треба проширување, но многу внимателно и не пред 2025.

-Не треба преголемо воодушевување, дека ќе нѐ повлече овој или оној. Македонија го има тој проблем на немање на голем спонзор во целава оваа приказна на интеграција и мораше добро да игра со сите големи играчи во ЕУ, изјави Ристевска-Јорданова.

За изјавата на премиерот Заев дека ако ЕУ не отвори преговори со Македонија, тогаш ќе се врати национализмот и ќе падне владата, таа објаснува дека предупредувањето допира до нив, но не доволно силно за да направат поголем пробив.

-Ќе мора да бидеме многу поупорни, трпеливи и систематични во целиот процес во ситуација ситуација кога проширувањето е на успорена патека. Потребна е долгорочна стратегија. Ова ќе биде долг процес и нема да биде лесен. Убедена сум дека ќе го добиеме датумот, тоа нема да биде до крајот на годинава, туку следната. Треба да се раздвојат двата чекори. Едниот е кога Советот носи одлука да се свика меѓувладина конференција за пристапување и тоа е тоа за коешто викаме „дале датум за преговори“. Потоа е одржувањето на самата меѓувладина конференција. Тоа што го очекувавме беше во заклучоците да се напише дека меѓувладината конференција ќе се одржи во декември и Комисијата се задолжува да подготви преговарачка рамка. Штом го нема датумот, се поместува за јули, и штом ќе избегате од рамката на јунскиот самит и декемвриски самит кога се одлучува за овие прашања, тогаш се оди на вонредна патека. Очигледно е брзањето за да не дојде до смената во Грција, каде што се очекуваат избори. Се инсистира барем во јули да се искористи периодот за заклучок за да се закаже конференцијата во декември-јануари за да не може потоа да се отстапи, објаснува таа.

Back To Top