skip to Main Content

Почна седницата за разрешување на Катица Јанева

Почна седницата за разрешување на Катица Јанева
  • 14.09.2019

Собранието ја почна 112. седница со единствена точка на дневен ред разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор и осомничена за случајот „Рекет“.

Излагање од собраниската говорница треба да има по еден пратеник од секоја политичка партија, поради што се очекува процедурата да заврши брзо.

Одлуката на Собранието потоа се доставува до Советот на Јавни обвинители кои го имаат последниот збор.

Мандатот на Јанева истекува утре и таа може да биде разрешена само пред тој датум.

На 5. септември, Комисијата за избори и именувања зад затворена врата, едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева, врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

На пленарната седница нема да се расправа за извештајот на Советот на ЈО, туку само за предлогот за разрешување. Одлуката се носи со двотретинско мнозинство и со т.н. Бадентерово гласање, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители.

Во материјалите поставени на веб-страницата на Собранието, а во врска со разрешувањето на Јанева, покрај заклучокот на Комисијата по кој пратениците треба да расправаат, се поставени и согласност од четирите политички партии со најголем број пратеници СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса на Албанците.

Јанева во моментов е во притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“.

Back To Top