skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Атина бара исполнување на сите обврски од Договорот од Преспа
Пратеници бараат изборен модел со една изборна единица
Тимот на СЈО разрешен, предметите во рацете на Јовески
ВМРО-ДПМНЕ бара смена на Русковска – на шефовското место да седи професор

После седум години судијата Билески може повторно да докажува дека не бил соработник на тајната полиција

После седум години судијата Билески може повторно да докажува дека не бил соработник на тајната полиција
  • 11.06.2019

Еден телефонски повик на тогашниот пратеник од владеачката ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски со поранешниот претседател на Комисијата за лустрација Томе Аџиев беше доволен да му биде запечатена судбината на кичевскиот судија Драги Билески. И како судија и како семеен човек. Се’ до минатата недела кога Европскиот суд за човекови права во Стразбур утврди дека на судијата му било повредено правото на правично судење како и правото на приватен и семеен живот кога бил прогласен за соработник на тајната полиција.

„Билески не бил вклучен во постапката пред Комисијата за лустрација и според тоа не можел да презентира аргументи во својата одбрана. Билески бил лустриран иако не бил во архивите на УБК. Македонските судови не ги сослушале предложените сведоци и не објасниле зошто нивното испитување не придонело за утврдување на фактите оспорени од жалителот. Управниот суд ги потврдил фактите утврдени од Комисијата, потпирајќи се единствено врз документите против Билески“, пишува меѓу другото во пресудата на судот во Стразбур.

Дека Милошоски најверојатно нарачал лустрација на судијата Билески беше обелоденето уште во март 2018 година од страна на Специјалното јавно обвинителство. Тогаш обвинителката Фатиме Фетаи информираше дека постои основано сомнение дека Билески бил лустриран по нарачка на Милошоски бидејќи сметал дека го штити градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски кој се спротивставил на продажбата на објект на таткото на Милошоски во кој била сместена општинската администрацијата на Пласница .

„Воедно, сметајќи дека еден судија од Основен суд Кичево е близок на градоначалникот на Пласница и го штити, постои основано сомнение дека организирал и го потикнал претседателот на Комисијата за лустрација, четвртоосомничениот да изврши незаконита лустрација над судијата за да му престане функцијата на судија. Тоа е прифатено од четвртоосомничениот и заедно со останатите членови на Комисијата за утврдување на фактите, како службени лица постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација, предвидени во чл.4 и чл.18 од Законот за определување на услов за ограничување на вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, донеле нарачана одлука за лустрација на оштетениот Драги Билески“, информираше тогаш Фетаи.

В.д директорката на Бирото за застапување на Македонија пред судот во Стразбур, Даница Џонева вели дека врз основа на слични пресуди во минатото државата веќе презела општи мерки за решавање на проблемот со лустрацијата како што е укинувањето на Законот за лустрација.

Комисијата за верификација на фактите во ноември 2012 година утврди дека Билески бил “оперативна врска” со поранешните безбедносни служби во замена за унапредување во судиската служба, дека неговата соработка била свесна и на штета на други луѓе. Поради ова, после триесет години стаж како судија и една година пред да го оствари правото на пензија, Судскиот совет го разреши Билески од функцијата судија.

Искра Опетческа

 

 

Back To Top