skip to Main Content

Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа ја откри операцијата за собраниските инциденти

Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа ја откри операцијата за собраниските инциденти
  • 06.12.2018

Александар Василевски – Нинџа од пултот на распит во кривичниот суд ја откри операцијата за собраниските инциденти. Тајната полиција имала две бази во хотелот „Мериот“ и во ВМРО ДПМНЕ. Од централниот штаб на партијата се координирале директните наредби. Според зборовите на Нинџа, таму биле Билјана Бришкоска, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, меѓу другите и Митко Чавков кој бил загрижен, а подоцна стасал и тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Сите зборувале на телефон. Бришкоска разговарајќи со Трајко Вељаноски пренела дека пропаднал првиот план – пратениците не предизвикале инциденти. Спире Ристовски разговарал со Богдан Илиевски. Јанакиески со пратениците. Божиновски ги повикувал сите комитети од другите градови да дојдат во Скопје. Чавков зборувал со началници. Василевски Нинџа од штабот искочил во 19.15 часот и го пратиле на терен за да ги известува.

„Јас мислам дека тоа е смислено заради случаите на СЈО, да се отфрли вниманието на јавноста. Да се искористи еден настан и да се смени мислењето на нашиот народ. За тоа кој го смислил нападот на 27 април лани треба да ги прашате луѓето што ви ги набројав во штабот на ВМРО-ДПМНЕ таа вечер“, рече во својата одбрана обвинетиот Александар Василевски – Нинџа.

„Ланецот е командување на МВР и хиерархијата од полициско командување се префрлени на партиско-полициски структури и служби и дека буквално во тој миг МВР останало обезглавено, туку партискиот врв определени луѓе, ја презеле командата на МВР, заради заштита на некои си свои интереси и политички некои свои права кои мислеле дека ги имаат“, изјави адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Со лисици на рацете и видно потресен, поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски од притвор спроведен во кривичниот суд да сведочи за собраниските инциденти. На 27 април од работа излегол околу 18 часот, но со мало потсетување кажа дека после тоа бил на кафе или гледал ракомет. Во судот не кажа детали, а се правдаше дека не се сеќава.

„Го запознав пред да станам директор на УБК. А дали бил ангажиран или вработен во Службата, се повикувам на ЗКП на тајност на податоците. Прашајте во МВР, нека ви ги декласифицираат тие податоци“, кратко сведочеше поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски.

Снимките од собраниските инциденти ги здробил Никола Бошкоски во тајната просторија на МВР, па ги фрлил во Вардар. Василевски – Нинџа рече дека на почетокот од 2015 во екот на политичката криза тогашниот началник на петтата управа Горан Грујевски го ангажирал да работи за тајната полиција. Имал значка и пиштол, не не се открива на кој начин извршувал работни обврски под УБК. Нинџа рече дека биле следени тогашниот опозициски лидер Зоран Заев, Оливер Сапсовски како технички министер за внатрешни работи, меѓу другите и екс разузнавачот Зоран Верушевски. Биле следени и новинари, Нинџа го спомена Алберт Муслиу. Наредното судење продолжува во понеделник, со сведоштва на преостанатите обвинети.

Игор Стефановски

Back To Top