skip to Main Content

Нетолерантен сосед му се заканувал на семејство со дете со аутизам – разговор во Студио 1

Нетолерантен сосед му се заканувал на семејство со дете со аутизам – разговор во Студио 1
  • 16.01.2019

Колку сме толерантни како општество кон лицата со попреченост и со посебни потреби и уште колку треба да работиме на подигнување на јавната свест – е темата на која новинарката Јана Јосифоска разговараше со Ирена Николовска Ристановска, мајка на дете со аутизам и претставници од „Млади Правници“, Гоце Коцевски и Јасна Оровчанец Арангеловиќ.

Николовска-Ристановска раскажува дека во зградата во која живеат во Битола веќе два месеци, заедно со седумгодишниот Лука кој има аутизам и неговата сестра Јована, сите соседи ги прифатиле одлично, но последниве неколку дена имаат проблем со еден сосед.

-На 14-ти, точно во 21 часот, јас и мојата ќерка седевме на кревет, сопругот вареше кафе, а Лука си играше со воз. Лука е дете со аутистичен спектар и е реално похиперактивен, но во тој момент беше мирен, си играше со возот. Имавме мирна вечер, но во моментот некој почна да ѕвони и да тропа упорно и нервозно. Сите четворица излеговме на врата. Да знаев дека е сосед, ќе ги повлечев да не го видат тоа. Беше страшно. Толку многу викаше, и како мајка најмногу ме заболе кога рече „ако не вие, јас ќе го сместам во институција, имам пиштол, сите четворица ќе ве убијам“. Знаеше за Лука бидејќи им имаме кажано и објаснето на сите соседи, раскажува Николовска Ристановска и додава дека двете деца ги разбрале зборовите и се стресле од страв.

Случајот го пријавиле во полиција, која дошла да интервенира, но не и била отворена вратата, па разврската ќе продолжи во обвинителството.

-За жал, вакви случаи има многу повеќе од тоа што го дознаваме како јавност. Во нашата канцеларија се имаме соочувано со, не идентични, меѓутоа со многу слични вознемирувања на семејства кои имаат деца со нетипичен развој, така што, за жал, можам да кажам дека ова не е изолиран случај, туку е последица на предрасудите кои постојат во нашето општество. И покрај кампањите и тоа што сепак нешто се менува во последните години, има уште многу работа, вели Коцевски и додава дека овој случај е специфичен, затоа што има закана, што го прави многу посериозен.

-Лицето се однесува така бидејќи нема толеранција кон лица со попреченост. Кај комшијата не постои толеранција кон различност и може да се утврди дискриминација, а тоа е граѓанска постапка или пред да поведат судска постапка може да се обратат до Комисијата за заштита од дискриминација, вели Оровчанец-Арангеловиќ.

Целиот разговор погледнете го во видеото.

Back To Top