skip to Main Content

Најчевска казнета со 200 евра за фрлање боја во Шарената Револуција

Најчевска казнета со 200 евра за фрлање боја во Шарената Револуција
  • 27.02.2019

Поради шарањето со боја на институциите, универзитетската професорка Мирјана Најчевска, е казнета со 200 евра. Таа на својот „фејсбук“ профил го соопшти Решението со кое комисијата одлучила парично да ја санкционира поради своите постапки за време на Шарената Револуција. Според неа учеството во тогашните масовни протести бил единствениот начин да се спротивстави на самоволието на претходната владејачка гарнитура, но ја нападна сегашната власт дека не ја разбрала симболиката која ја испрати тој чин.

– Во Решението кое го добив стои дека комисијата мисли дека со оваа казна ќе се постигне целта. Која цел? Да не се бунам против неправдата? Да молчам пред самовластието? Да замижувам пред прекршувањето на човековите права? Па татко ми издржал три години на Голи Оток и не потклекнал. Што мислите дека јас ќе се откажам од моите вредности и убедувања? Јас повторно ќе излегувам на улица. Тоа е сигурно. Само размислувам дали фрлањето на кофи со измет врз вас е доволно, напиша Најчевска.

Веднаш зад Најчевска застана актерката Ирена Ристиќ, која повика да се соберат финансиски средства за да се плати глобата која и е изречена на професорката.

– Поради симболика, треба да се екипираме ние неколку души и да собереме средства за казната на Најчевска и со свечена церемонија и пренос на тв, да ги уплатиме! Таа не смее ниту денар да плати!, напиша Ристиќ.

По ова се огласи и премиерот Зоран Заев кој што исто така фрлаше со боја по министерството за правда. Тој вели дека претставници на извршната власт ќе го разгледаат прашањето со прекршочните казни од Шарената револуција и ќе разговараат со засегнатите граѓани за можни решенија, со целосно почитување на судската власт, но и почитување на демократските принципи и интегритетот на граѓаните.

– Прекршоците со фрлањето боја во времето на протестното движење ги правевме свесно, знаејќи ја цената на казната, но со повисока цел – слобода и ослободување на институциите. Слична казна за фрлање боја веќе платив и јас лично. Ќе разговараме со граѓаните за решенија кои ќе ја чуваат честа на граѓанскиот активизам и лично како граѓани ќе ги поддржиме солидарните иницијативи, вели Заев.

Најчевска не е единствениот учесник кој е казнет за боење на државните институции. И пратеникот Павле Богоевски е еден од нив но вели дека од педесетина казни до сега нема платено ниту една.

Антонио Крстевски

Back To Top