skip to Main Content

Музика и чочеци во тунелот кој води кон ЕУ (ВИДЕО)

Музика и чочеци во тунелот кој води кон ЕУ (ВИДЕО)
  • 24.04.2018

Oва не е видео снимка од нечија свадба, ниту пак од приватна веселба. Напротив, вака се славеше пуштањето во употреба на долгоочекуваниот автопат Демир Капија – Смоквица. Премиерот Зоран Заев, со делегација од ЕУ и Владата, ја пресече црвената лента, па одекнаа зурли и тапани. Се вртеа ора и чочеци, а кон музичарите летаа банкноти во денари, но и во девизи.

Социјалните мрежи беа преплавени со коментари со потсмев, како и критики за начинот на кој се прославува пуштање во употреба на еден автопат правец. Но веќе денес, Министерството за транспорт и врски се огради од организација на прославата.

Сакаме да Ве информираме дека ниту Министерството за транспорт и врски ниту друга државна институција не е организатор на било каква забава“ – се наведува во кусото соопштение.

Прославата, која предизивика лавина рекации во јавноста, била организирана од грчката компанија АКТОР, којашто шест години го градеше автопатот. Оттаму преку соопштение се извинија ако погрешно била разбрана прославата со жива музика во тунелот.

„Вчера АКТОР организираше прослава на отворањето на патот Демир Капија-Смоквица. Настанот започна во кампот во Демир Капија и во тунелот и траеше кратко време. Целиот настан беше организиран од АКТОР. Во него учествуваа вработените, супервизорите и добавувачите од земјата. Сите луѓе дојдоа со автобус организирани од АКТОР. Сите гости отидоа со автобус од кампот во тунелот и по кратко време се вратија назад во кампот за да продолжат“ – соопштија од АКТОР.

Впечатлив беше токму двокатниот автобус на ЈСП со кој музиката и веселите граѓани пристигнаа во тунелот да свртат по некое оро. Директорот на јавното претпријатие, Кристијан Чушков за дел од медиумите посочиле дека автобусот бил најрегуларно изнајмен.

Автобусот е изнајмен од страна на ‘Далма фоод кетеринг‘ за 24.500 денари за еден ден. Нема ништо спорно. Автобус од ЈСП може да изнајми кој сака, за тоа си има утврдени услови, ценовник кој постои веќе неколку години“

Не изостана ниту критика од екс- пермиерот Никола Груевски, во чие време започна изградбата на автопатот.

Освен овие два автопати во градба, и оној кој го завршивме во мај 2017-та, а тие дури сега по една година го пуштија во употреба Демир Капија – Смоквица, јас знам дека СДСМ во овој нивни мандат нема да изгради, не 600 километри, туку нема да изгради ниту 1 (и со букви „еден”) километар автопат по меѓународни стандарди“ – напиша Груевски на фејсбук.

Пред веселбата, на свеченото отворање се обрати премиерот Зоран Заев, кој порача дека поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на Европската Унија.

„Овој автопат е еден од нив и во буквална смисла. Овој автопат поврзува, и води кон ЕУ! Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено и приказната, искрената приказна, за поддршка и соработката, помеѓу Република Македонија и Европската Унија. Една од најјасните заложби на оваа Влада, е издигнувањето на Македонија како конструктивна точка која поврзува и сплотува во заедништво, оттаму, овој автопат е можеби една од најјаките симболики за тоа. Нашата темелна вредност и определба, да ги издигнеме капацитетите на нашата земја на ниво достојно за да биде членка на ЕУ, е силна мотивација за усогласување на нашата, национална патна инфраструктурна стратегија, со онаа на Европската унија“ – порача премиерот Заев

Инаку, специјалното јавно обвинителство, пред безмалку два месеци соопшти дека води постапка против компанијата – изведувач, АКТОР, поради сомнеж за злоупотреба при доделување на тендерот. Четири правни и десет физички лица, меѓу кои Груевски и Јанакиески се сомничат дека ја фаворизирале грчката компанија, иако фирма од Италија дала далеку пониска понуда.

Back To Top