skip to Main Content

Мода и традиција и препознавање на вредностите – разговори во Студио 1

Мода и традиција и препознавање на вредностите – разговори во Студио 1
  • 25.06.2019

Кројачката икона во Македонија Изет Цури, кој има шиено за светската модна елита, Изет Цури, за два дена во Даут Пашин Амам ќе ги претстави новите модели на студентите од неговиот Институт за мода. Во отвореното Студио 1 тој зборува на темата „Македонска европска мода – стил или кич“.

-Високата мода е лимитирана, овде луѓето одат кај кројач или креатор затоа што мислат дека е поефтино. Во 1950, тогаш почна трендот прет-а-портер, кај Кристијан Диор имаше во еден излог костим направен во фабрика и кој чини околу 1.000 франци, а во друг излог сошиен по мерка чини 500 франци. Индустријата беше нова, а сѐ што е ново мислеа дека е добро. Денеска во истата витрина постои прет-а-порте за 500 евра, а другото е 50.000 евра. За следење на високата мода треба еден вид култура, големи буџети, но и да се чувствува. Во светот околу 900 луѓе се облекуваат според висока мода, вели Цури.

Во отвореното Студио 1 го забележавме и јубилејот на ансамблот Танец, симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура веќе седум децении, културен амбасадор кој несебично ја презентира и споделува богатата македонска традиција во земјата и во светот.

Веќе седум децении „Танец” со своите уникатни носии со кои настапува претставува вистински подвижен историски музеј на Македонското материјално и нематеријално културно наследство. Наследство, кое како и народниот вез е длабоко врежано во потсвеста на секој македонец.

Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Танец” е официјано формиран во мај 1949 година со указ од тогашната влада. Целта на формирањето на ансамблот претставувала насушна потреба за формирање на институција од овој вид која го одржува, негува, чува и збогатува македонскиот фолкор.

Од исклучителна важност се покажало формирањето на ансамблот чие прво претставување надвор од границите на Македонија (тогашна Југославија) се случило 1950 година во Англија на „Интернационалниот фестивал” во Велс.

Членовите на Танец со изведбата на „Тешкото” ги освојуваат сите можни поени и ја добиваат највисоката награда. Вредно за споменување е фактот дека ниеден ансамбл во целата историја на траење на фестивалот ги нема освоено сите можни поени од страна на жирито. Како најдобар ансамбл, им било овозможено да го продолжат својот престој уште дваесет дена и да одржат концерти низ цела Англија.

За успехот на „Танец” говорат бројните добиени награди и признанија како што се: „11 Октомври”, „Климент Охридски”, наградата од градот Скопје „13 Танец Ноември” како и орденот на заслуги доделен лично од претседателот на Р. Македонија.

„Танец” има учествувано на над 4500 концерти и подиуми во земјата и во светот пред околу 8 милиони гледачи.

Репертоарот на „Танец” го сочинуваат најубавите игри, песни и оркестарски дела како што се: „Невестинското”, „Тешкото”, „Комитско”, „Чифте Чамче”, „Осоговка” и многу други бисери на македонскот народно творештво.

Гостин во Студио 1 беше Мартин Вучиќ, директор на „Танец“ кој говореше за успехот и предизвиците на овој национален ансамбл за народни игри и песни.

Разговорите можете да ги погледнете во видеата.

Back To Top