МНР избрка, судот врати тројца дипломати кои биле во Собранието на 27 април

Тројцата дипломати кои беа избркани од работа поради нивното присуство во Собранието на 27 април 2017 година, постапиле спротивно на Етичкиот кодекс нарушувајќи го угледот на професијата дипломат, угледот на Министерството и на државата. Поради ова им беше изречена дисциплинска мерка – престанок на работен однос, велат од Министерството за надворешни работи откако Основниот суд Скопје 2 а потоа и Апелацискиот суд Скопје одлучија дека дипломатите биле незаконски избркани од работа.
„Мене никој не може приватно, после работно време да ми забрани каде да одам или можеби да се определам за некого. Јас бев дента пред Собрание но ниту бев во пленарната сала а уште помалку во прес салата каде што се случија инцидентите. Судската постапка течеше како што налага законот. Меѓу другите на наша страна беше и најјакиот аргумент дека МНР покрена постапка после шест месеци од случувањата во Собранието е законскиот рок е деведесет дена“, изјави еден од вратените на работа дипломати во телефонски разговор за 1ТВ.
За присуството на дипломатите во Собранието, велат од МНР потврда добиле од Министерството за внатрешни работи.
„Но со правосилна одлука на судот, двајца вработени се вратени на работа поради тоа што решението за престанок на работен однос на министерството и одлуката на Агенцијата за администрација се донесени по истекот на рокот во кој можел да биде поднесен предлог за поведување дисциплинска постапка. Постапката за третиот дипломат не е завршена“, велат од МНР.
Дипломатот со кој разговараше 1ТВ тврди дека осумте членови на комисијата кои одлучувале по поднесената дисциплинска постапка биле веднаш наградени со амбасадорски места или како конзули низ амбасадите на Македонија во светот.
Инаку, освен враќањето на работа на тројцата дипломати ќе им бидат исплатени неисплатените плати и придонеси за она време за кое што биле отстранети од работа.
Искра Опетческа
1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.