skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Атина бара исполнување на сите обврски од Договорот од Преспа
Пратеници бараат изборен модел со една изборна единица
Тимот на СЈО разрешен, предметите во рацете на Јовески
ВМРО-ДПМНЕ бара смена на Русковска – на шефовското место да седи професор

Мијалков во судница: Било можно да се прислушува и надвор од УБК

Мијалков во судница: Било можно да се прислушува и надвор од УБК
  • 11.06.2019

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков се сомнева дека не само 20.000 граѓани туку дека и тој бил мета на прислушување во една од најголемите афери во историјата на безбедносните служби во Македонија. Тој на денешното рочиште во случајот „Таргет-Тврдина“ вкрстено го испрашуваше сведокот Ѕвонко Костовски инженер во петтата управа на МВР. Мијалков праша зошто Костовски презел ризик и од мемориски стик фајловите ги префрлал на ДВД и потоа ги изнесувал од МВР, на што сведокот рече дека така се договорил со неговиот колега Ѓорги Лазаревски. Мијаков уште праша дали Костовски може да докаже дека разговорите се снимени во МВР.

„Има неколку индикации за тоа. Прво со други системи не може да се постигне таков квалитет на разговорите. Исто така доколку има двојна линија, втората не се слуша. Трето, кога таргетот ќе заѕвони на некој со уредот се снимаат и разговори во просторијата, додека да крене соговорникот“, сведочеше Костовски.

Мијалков меѓу другото тврдеше дека било можно нелегално да се прислушува и надвор од УБК, а ова го поткрепи со фактот дека добиле извештај од израелската компанија дека во Скопје во тој момент на терен работеле уреди, со што некој друг нелегално можел да прислушува.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО, покрај Мијалков, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешениот секретар во УБК Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште петмина од Управата. Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле повеќе од 20.000 граѓани.

Искра Опетческа

Back To Top