skip to Main Content

Масакр на „Улицата на брестовите“ – заробени дрвја во хорор филмот на Скопје

Масакр на „Улицата на брестовите“ – заробени дрвја во хорор филмот на Скопје
  • 25.06.2019

Зеленилото игра голема улога во урбаниот живот, но Скопје се повеќе го губи, а властите не успеваат да се справат со загадувањето. О2 коалиција на голем број дрва во центарот на градот закачи пораки дека околу 1.000 дрвја се заробени во тротоари. Според активистката Ели Пешева, со месеци се зборува за овој проблем, па решиле, ако властите не разбираат, тогаш да им нацртаат.

-Тоа е одраз на крајна негрижа и неедуцираност. Кога биле поставувани бекатон плочките, за нас како најобични граѓани не е јасно како може да не ви падне на памет дека тоа дрво треба некако да живее. Тие околу 1.000 дрвја не се само во централното градско подрачје и во Скопје, туку и во други градови. Шумарски факултет има мапа која точно ги лоцира сите тие „загушени дрвја“. Несфатливо е што шест месеци нема никаква реакција, туку само префрлање на ненадлежности, вели Пешева и додава дека како град кој ги соборил сите рекорди во загадување, недопустливо е ваквото однесување кон повеќедецениските дрвја, кои не може да се надокнадат со млади садници.

-Точно знаеме кои дрвја се во чија надлежност, но надлежност за сите дрвја во целиот град има Град Скопје. Тоа е централизирана позиција, затоа што тие располагаат со целиот дрвен фонд во целиот град и мора да се почитуваат нивните услови и начин на развивање на тоа зеленило. Имаме позиции каде што имаме заболени и суви дрвја, кои пречат заради градежни активности. Процесот за отстранување на таквите дрвја го води Град Скопје. Стручните служби излегуваат на терен низ целиот град и одлучуваат дали дрвото е навистина суво, заболено или пречи при изградба. Со нивна дозвола и бележење, со нивно решение кое оди во ЈП Паркови и зеленило, се врши отстранување,

Знаеме чии дрвја на која територија припаѓаат. Главните булеварски позиции и крстосници му припаѓаат на градот, споредните улици се на општините. Во вкупната бројка од околу 1.000 заробени дрвја, точно е дека не се само на градот, туку и на сите општини, а најмногу на Центар, која е најзадушена и од градежни активности и од комерцијален аспект, па и самите ресторани и кафулиња поради надворешните летни тераси ги имаат запоставено, изјави Марга Качуркова од општина Центар.

-Дрвјата означени како заробени и зацементирани, а кои се преку 1.000, иако на нашата мапа официјално се 804 во моментов, страдаат низ годините во зависност од тоа колку блиску е дојден околниот материјал – асфалт, цемент, бекатон плочки или нешто друго. Во зависност од тоа колку е блиску, поголема е опасноста од брзо умирање и сушење. Дури и материјал што е на 10-15 сантиметри смета во однос на тоа дека ќе ја намали достапноста на вода, аерација на почвата, компактирање на почвата. Тоа пречи и се одразува врз здравјето на секое такво дрво, објаснува Кирил Сотировски, декан на Шумарски факултет.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top