skip to Main Content

МАНУ и ПМФ најавуваат пилот проект за испитување на испарливи органски соединенија во воздухот – тема во Студио 1

МАНУ и ПМФ најавуваат пилот проект за испитување на испарливи органски соединенија во воздухот – тема во Студио 1
  • 08.03.2019

Аерозагадувањето е комплексен проблем на кој треба да му се пристапи систематски и со многу сериозни анализи за да се преземат конкретни мерки. Кај нас алармот за аерозагадувањето се крева само во зимските месеци кога секој граѓанин може да ги почуствува негативните ефекти врз сопственото здравје.

Кога се зборува за загадување на воздухот вообичаено е да се следи концентрацијата на суспендираните честички на дневно ниво. Имено поимот суспендирани честички, општо кажано претставува смеса од честички (цврсти и течни) суспендирани во воздухот со широк опсег на големина и хемиски состав (PM-particulate matter). PM2,5 се фини честички чиј дијаметар е со големина до 2,5 μm, додека PM10 се честички со дијаметар со големина до 10 μm.

Во составот на суспендираните честички влегуваат од обичаната прашина која може да потекнува од изведување на различни градежни активности, па до различни неоргански гасови како SO2, азотни оксиди NxOy, NH3, но и една голема група на испарливи органски соединенија.

Суспендираните честички може да дојдат во атмосферата од примарни извори како горење на дрва, пластика, разни видови бои и лакови, од некомплетно согорување на горивата од автомобилите, хемиската индустрија итн., но и да настанат секундарно по пат на оксидација и трансформација на примарните извори.

Како најбитно е да и се објасни на пошироката јавност (но и да не се создава негативна перцепција за хемијата и другите сродни области) дека овој глобален проблем е доста комплексен и потребно е темелен научен пристап. Затоа ние како хемичари чувствуваме потреба, но и одговорност да дадеме свој придонес во решавањето на проблемот со аерозагадувањето. И за таа цел решивме самоиницијативно да работиме на пилот проект за испитување на присуство на испарливи органски соединенија во воздухот. Проектот ќе се работи во лабораториите на Институтот за хемија на ПМФ-Скопје, во соработка со МАНУ.

Back To Top