skip to Main Content

Кривична за Доневски и сопственикот на „Секјуриком“ – нема одговор кога Гампер избега од државава

Кривична за Доневски и сопственикот на „Секјуриком“ – нема одговор кога Гампер избега од државава
  • 24.09.2018

Поднесено обвинение против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи, Васе Доневски и сопственикот на Секјуриком Волфганг Гампер за 11милионскиот тендер за одржување на Владата од 2015та. Обвинителството бара продолжување на куќниот притвор за Васе Доневски, а за австриецот Гампер кој се наоѓа во бегство, со решение е определена мерка притвор сметана од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Телоп – Во периодот од јуни до август 2015 година, првоосомничениот како директор на владина служба потпомогнат од второосомничениот – како сопственик на правно лице, свесно и со умисла, ги пречекориле границите на своето службено овластување со намера да прибават значителна имотна корист за сопственикот на правното лице и за правното лице.

Соопштуваат од обвинителството и додаваат дека осомничените ја избегнале должноста да побараат согласност од Советот за јавни набавки, а учесниците во подготовката на тендерската документација се јавуваат и како понудувачи во постапката. Доневски се товари дека со обезбедени изјави за заинтересираност на 7 компании ја заобиколил обврската да побара согласност од Советот за јавни набавки. 4 од заинтересираните 7 фирми се на ист сопственик, а останатите 3 се тесно поврзани. Па така, Секјуриком била единствената фирма која покривала 5 дејности меѓусебно неповрзани, а со тоа и еднинствена што ги исполнила условите за учество на тендерот. На истрагата на финансиската полиција претходеше кривична пријава на компанијата Ландсервис против Васе Доневски, Гампер и останатите фирми кои ја направиле привидната конкуренција. Гампер пред македонските медиуми во септември лани рече дека не е нелегално да се поседуваат повеќе фирми. Сега сопственикот на Секјуриком е недостапен за органите на прогонот и се бара со меѓународна потерница, а надлежните институции до овој момент не одговорија на нашите прашања: кога и како Гампер ја напуштил Македонија.

Кристина Атовска

Back To Top