skip to Main Content

Корупцијата во македонското општество – анализа во Студио 1

Корупцијата во македонското општество – анализа во Студио 1
  • 28.09.2018

Корупцијата како рак рана на македонското општество е тема на вечерашната дебата во Студио 1. Ги анализираме нетранспарентноста на институциите и начинот на којшто одговараат на барањата за информации од јавен карактер.

Центарот за граѓански комуникации како организација годишно доставува околу 1.000 барања за информации од јавен карактер заради нивниот мониторинг, а одговорот на институциите е околу 70%. За други истражувања што се прават за граѓаните, процентот на одговор од институциите е околу 50%, вели Герман Филков, претседател на Центарот и поранешен новинар.

-Правевме истражување со 60-тина познати новинари, доставивме барања до институциите во нивно име, само 31% го содржеа одговорот на прашањето што го бараа новинарите. Значи, гледате, за невладини е 70%, за граѓани е 50%, за новинари е 30%, вели Филков и додава дека самиот начин на писмено барање на информациите е застарен во светот.

Мерени биле 97 институции, меѓу кои сите министерства и Владата, заедно со општините. Нивната активна транспарентност изнесувала само 43%. Најмалку транспарентни биле општините, а најмногу општините Велес и Битола и министерствата за образование и наука и за одбрана. Ситуацијата се менува со скок на министерствата до 66% во 2017, но затоа кај општините има пад на 39%.

-Ги побаравме медија плановите за владините кампањи за здрава храна, можности за патување, колку е развиена Македонија… Баравме во кои медиуми и по кои критериуми одела кампањата, за да видиме дали владата преферира одреден медиум кога ги пласира и дали кампањите служат за да се купат медиумите. Одговорот што го добивме беше дека станува збор за класифицирана информација, која ја загрозува безбедноста и уставниот поредок на државата, вели новинарката од Призма/БИРН Мери Јордановска и додава дека тоа се косело со сите закони.

Според неа, новинарите ги добивале информациите непосредно пред истекот на рокот или по жалби, кога веќе станувале нерелевантни. Како што раскажува, сличен случај имало кога од Антикорупциска и одговориле дека класифицирана информација е имотот на нивните членови, кој имале обврска да го обелоденат како и сите други функционери.

Според поранешниот антикорупционер Драган Малиновски, ако сакате да изградите впечаток за состојбата со корупцијата во една земја, треба само да ги изанализирате прашањата за пристап до информации и нивното споделување и транспарентноста на институциите.

-Мислам дека на некој начин се наметна првиот состав на Антикорупциската комисија, но далеку од тоа дека треба да бидеме задоволни. Мислам дека поуката што треба да ја извлечеме од тој период е дека можете да имате и совршена Антикорупциска комисија, ако немате систем, нема да има ефект, вели поранешниот антикорупционер Драган Малиновски.

Back To Top