skip to Main Content

Кацарска за 1ТВ: Не давам отпор, ако одлучувам за амнестија навлегувам во надлежност на кривичен совет

Кацарска за 1ТВ: Не давам отпор, ако одлучувам за амнестија навлегувам во надлежност на кривичен совет
  • 25.12.2018

Во кривичниот суд не се знае кој ќе одлучува за амнестијата за големиот судски процес за „крвавиот четврток“. Кој да постапува, шефот на „скопска единица“ Иван Џолев ќе одлучи утре. Вели дека судиите играат пинг – понг за тоа кој да решава за амнестијата, внимавале за надлежноста. Според Џоелв за предметот „27 април“, треба да одлучува судечкиот совет, односно судијката Добрила Кацарска, а не кривичниот совет, кој ќе решава за предметите за кои има првостепена пресуда. Судјката Кацарска за 1ТВ цитирајќи го ЗКП објаснува дека ако одлучува ќе го прекрши законот.

„Јас не давам отпор за работа и во мојата 32 годишна судиска кариера сум се докажала како судија којшто работи исклучиво по закон. Во конкретниот случај, повторно, само ги почитувам законите. Значи, ништо помалку и ништо повеќе од тоа. Впрочем за тоа и земам плата од даночните обврзници на Република Македонија, да ги почитувам законите, да судам согласно законите. Во конкретниот случај, одлуките за амнестија се носат надвор од главна расправа. Што значи доколку јас одлучувам, навлегувам во надлежност на кривичен совет и токму тогаш работам спротивно на закон“, вели судијката Добрила Кацарска во телефонски разговор за 1ТВ.

Дополнително судијката Кацарска прашува како да одлучува за амнестијата кога предметот што го води е во доказна постапка, без прецизирано обвинение. Мислењето од обвинителството, Кацарска го поврзува со предметот за „крвавиот четврток“ која таа го води.

„Другата ситуација заради која не треба јас да одлучувам е следната: ако за некој обвинет одбијам барање за амнестија значи ли тоа дека јас прејудицирам одлука, односно пресуда. Друго нешто, доколку некоја моја одлука биде укината од повисокиот суд, јас треба да продолжам да постапувам и за тој обвинет, а јас веќе имам изградено, свое мислење, свој став, за тој обвинет“, вели Кацарска.

Шефот на кривичен Џолев не сакаше да го коментира законот за амнестија. Попладнево во судот стасале 62 барања за помилување, 27 за големиот судски случај за собраниски инциденти, 35 за преостанатите предмети за кои веќе има донесено пресуда. Единствено, обвинетиот Јане Ченто ги известил дека нема да бара политичка слобода. На „фејсбук“, оперскиот пејач Игор Дурловски се пофали дека нема да бара помилување, ќе ја докажувал невиноста на суд.

Игор Стефановски

Back To Top