skip to Main Content

Извлечени остатоците од автобусот – Машински факултет ќе врши вештачење на неговата исправност

Извлечени остатоците од автобусот – Машински факултет ќе врши вештачење на неговата исправност
  • 14.02.2019

Ако една слика е илјада зборови тогаш таа раскажува за милионската колективна трагедија што синоќа околу 17 часот и’ се случи на Македонија.

Утрово јавен обвинител од ОЈО Скопје во придружба на надлежни инспектори од МВР, професори од Машинскиот факултет и вештаци од Бирото за судски вештачења собираа докази кои треба да ги потврдат или демантираат мноштвото информации дека причина за трагедијата е неисправен автобус или пак можеби човечки фактор.

Во очекување на официјални информации за тоа како автобусот на компанијата „Дурмо турс“ од автопатот се преврте 15 метри надолу на локалниот пат она што со сигурност се знае  е дека до несреќата дошло кај селото Ласкарци. Од се уште неутврдени причини автобусот во еден момент свртил остро на лево, по што удрил во банкината што го дели автопатот со возилата кои надоаѓаат од спротивен правец. По ова автобусот поминал преку лената во која се движат возила во спротивен правец, од Тетово кон Скопје и повторно удрил во банкината која го дели автопатот со стариот пат кој води до општина Сарај.

По речи си четири часа од увидот на лице место кој треба да даде одговори што точно се случи вчера и кои се причините за страотната сообраќајна несреќа од Основното јавно обвинителство информираа дека возачот во првичниот разговор не дал многу податоци, но она што засега е утврдено е дека 49 годишниот гостиварчанец немал алкохол во крвта ниту било какви други лекови или психотропни супстанци.

Од досегашните сознанија утврдено е дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. По наредба на јавниот обвинител, Машинскиот факултет ќе изготви вештачење на автобусот а од Бирото за судски вештачења треба да изготват вешт наод и мислење за причините за сообраќајната незгода, велат од ОЈО Скопје.

Од скопското јавно обвинителство уште информираат дека надлежниот обвинител ќе ја побара целокупната документација од компанијата „Дурмо турс“ во врска со дозволите за јавен превоз кои ги поседува, одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот кој сообраќал на релацијата Скопје-Тетово, како и податоци во врска со работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден.

На Институтот за судска медицина, по наредба на јавниот обвинител извршена е обдукцијата на 13 од починатите луѓе, додека за еден од нив обдукцијата е во тек. Од страна на увидните екипи на Министерството за внатрешни работи по завршениот увид до Основното јавно обвинителство Скопје ќе бидат доставени записниците за увид, скицата, фото документацијата и други обезбедени материјални докази, соопштија од ОЈО Скопје.

Во тешката сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Скопје-Тетово животот го загубија 14 луѓе а 37 се повредени.

Искра Опетческа

Back To Top