skip to Main Content

Изборите поминаа, метењето е на ред – тема во „Печат на неделата“

Изборите поминаа, метењето е на ред – тема во „Печат на неделата“
  • 08.05.2019

По изборите, како тема се наметнува „метлата“ – за ова во „Печат на неделата“, гости на Сашо Ордановски се потпретседателката на Собранието и потпретседателка на СДСМ Фросина Ременски и градоначалничката на Тетово и потпретседателка на ДУИ Теута Арифи.

Ременски вели дека е задоволна од изборната победа, но не и од бројките, што можеби се должи на тренд на политичка апатија и немотивираност на гласачите.

-Од локално до централно ниво, според анализите што ги имаме, резултатите од првиот круг ни дадоа соодветна лекција, ги слушнавме пораките, сега тоа треба да се преточи во постапки за подобрување на резултатите и перформансите, вели Ременски.

-Кога влегувате со нови моменти и идеи, не можете да очекувате сето тоа да биде прифатено со ентузијазам. Сите бројки што ги доби кандидатот Река не може да се припишат само на партиите што го поддржуваат, туку и на тоа дека секогаш е полесно да правите фрагментирачка кампања. Во вториот круг, мобилизацијата беше поголема и процесот беше полесен, изјави Арифи.

Во медиумите сѐ погласно се шпекулира кој министер ќе биде „изметен“ како поука за промени во владеењето во наредниот период.

-Една од позитивните поуки што треба да ја извлечеме сите е фактот дека сите можеме да се издигнеме над поделбите во име на еден концепт. Тоа што тој концепт ја прави промената веќе две години и се реализира со највисоката фигура што треба да биде негов претставник, претседателот, беше заокружен процес кој не беше лесен, и има цена во однос на гласањето и чувствителноста на граѓаните, изјави Арифи.

-Не паднавме на големите теми, олеснување беше постигнувањето на Договорот со Грција, луѓето не го чувствуваат тоа како грешка. Мислам дека граѓаните во овие избори ги ставија на кантар сите – и локални и централни политики и одлучија дали ќе излезат, кога и како. Тоа е резултат и на демократијата што дојде во државата, тоа значи и слобода на граѓаните да не излезат на гласање. Она на што треба да поработиме сериозно е несфаќањето на политиката „заеднички концепт, ама правење на некои паралелизми“, односно секој коалициски партнер да се грижи за својот дел од власта, туку машината да функционира со сите тркала што се движат истовремено, рече Ременски.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top