skip to Main Content

Законот за ЈО и статусот на СЈО во фокусот на Отворено Студио 1

Законот за ЈО и статусот на СЈО во фокусот на Отворено Студио 1
  • 05.03.2019

Денешното издание на Отвореното Студио 1 со колегите Елена Милошевска и Антонио Крстевски го започнавме со потсетување на вчерашното гостување на Ѓорги Чачкиров експерт за авијација, кој со домаќинот и уредник Сашо Ордановски зборуваше за тоа дали Македонија има потреба од нов државен авион и кои се можните опции за адресирање на ова прашање. Во однос на оваа тема, Чачкиров смета дека секогаш има потреба од нов авион, но дека претходно е потребно да се направи добра анализа.

„Јас не можам одговорно да тврдам, но не се сомневав во директорот за цивилна и воздушна пловидба, господинот Тунтев. Ние често пати во државава се повикуваме на странски експертизи, но лично мислам дека имаме капацитети да направат компетентна анализа, да видат дали и каков авион треба. Посебно што сега има помлади генерации во самата агенција и владина служба за летање“, смета Чачкиров.

Понатаму се потсетувме и на гостувањата на Џонатан Кац и Жикица Паговски кои со уредникот Сашо Орданоски разговараа на тема околу Германскиот Маршалов Фонд за предизвиците на евроатлантскиот политички и безбедносен сојуз во годините што доаѓаат.

Со своите мислења и ставови поврзани со темата „Треба ли да има поголема застапеност на македонските автори во образованието“, погледнавме дел од разговорот со професорката на Институтот за македонска литература Лорета Георгиевска – Јаковлева и претседателката на Друштвото на писатели Соња Стојменска Елсезер.

На крајот од овој блок имавме линковски вклучувања на колегите Игор Стефановски и Весна Велкова Тодоровска.

Стефановски информираше за работата на Владата и усвојувањето на Предлог-законот за Јавното обвинителство во кој е регулиран статусот, автономијата и надлежностите на СЈО.

Основа за изготвувања на овој закон, како што е наведено во соопштението од Министерството за правда, беа двата извештаи на експертскиот тим на Прибе. При изготвување на законот се вградени сите меѓународни стандарди во соодветната област, а користени се и бројни компаративни искуства.

Статусот на СЈО и деталите околу последните случувања од Законодавниот дом ни ги пренесе Весна Велкова Тодоровска која информираше за реакциите на партиите во парламентот токму околу законот за Специјалното јавно обвинителство.

Back To Top